Демони со ангелски лик

Една од помалку атрактивите карактеристики на човековото однесување е нашата тенденција за стереотипизација на оние со кои не се согласуваме, на оние со кои сме во конфликт, или со оние што едноставно не се слични на нас. Во Македонија и со оние што поинаку размислуваат од вас.

Стереотипите го афектираат стилот на политичарите, медиумското  покривање и перецепцијата на јавноста за време на различните изборни циклуси. Овој што доаѓа не верувам дека ќе биде исклучок.

Стеротипите во македонската политика го затруја нашиот јавeн говор, го извитоперија нашето разбирање за вистинските разлики меѓу политичкитe опции што се нудат на политичкиот пазар, намалувајќи ги шансите за надминување на ваквите разлики, или барем во еден нивен дел.

Залудни ми беа очекувањата дека едуцираниот дел на македонската јавност ќе биде посензитивен кон опасноста од широко распространетите и генерално осудени стереотипи и предрасуди во политиката, за разлика од останатите кои се плодна почва за нивно размножување. Разочарувањето е кога интелектуалците и респектибилниот дел на новинарската фела се носители на стреотипите во политиката. Кога ќе сфатите со која леснотија ги прифатија и раширија.

Објавени или не, флангрантни или прикриени, стереотипите во македонската политика се толку широко распространети и длабоко навлезени во сите сегменти на македонското општество, што успеаја да го кородираат демократскиот плурален амбиент. Единствен начин да се спротиставиме и да станеме резистентни на стереотипите во политиката е да ја направиме јавноста сензитивна на истите.

И пазете. Кој има најголема корист од креирањето и одржувањето на стереотипите во македонската политика? Истата структура на луѓе од деведесетите. Тоа се верните чувари на идеолошката матрица на минатото и продолжувачи на делото на нивните татковци. Тоа се луѓето што потајно се срамат од своето потекло, видоизменето (но не и заборавено) во социјализмот и избрусено со привилегиите што ги уживаа во тој систем. Затоа беа гласни и гневни за време на шарената револуција. Покажаа како се мрази секој што им чепна во нивното комунистичко наследство. Градено на зло, понижување и газење на достоинството на македонскиот народ. Оној од кој се срамеа, како помалку вреден.

Сиве години на политички плурализам тие свесно играат на картата на градење стереотипи за нивните политички опоненти, со цел да ги маркираат, обележат како помалку вредни и способни од нив. Затоа нивните одлуки и кога ја продаваат  државата и нејзината историја се историски и државотворни. Иако немаат д од државотворност.

Како во лош вестерн се обидуваат да наметнат стреотипи за добри и лоши момци во политиката, софистицирани и блазирани наспроти прости и неизмиени, конструктивни наспроти деструктивни, радикални наспроти умерени, космополити наспроти националисти, конструктивни наспроти популисти, фашисти наспроти демократи.

Оние што ги креираа стереотипите за своите политички опоненти одсекогаш биле она што другите сакале да го видат. Луѓе што гоменуваат ликот по потреба. И по желба на нивните господари.

За нив другите се криминалци и корумпирани. Тие се непорочни и чисти, па макар биле аболицирани и фатени во криминал, со рацете длабоко во парите и привилегиите. Зашто нив им личи Луј Витон. Како на Боки 13 и Катица.

Тие ќе зборуваат за вредносната матрица на слободата на мислата и изразувањето, истовремено цензурирајќи ја и осудувајќи новинари. Тие се за правда нанесувајќи неправда на другите, неисомислениците. Тие се за фер политички натпревар, креирајќи нефер политички амбиент во државата. Тие се за борба со корупцијата и криминалот, ама на другите. Никако својата. Која одбиваат да ја видат. Нивните глупи генерализации за лошо дефинираните групи во општството не се само лажни, тие се опасни.

Државотворните низ стеереотипите во политиката станаа слуги на својата немоќ да се дефинираат како македонци. Затоа така лесно ги етикетираат другите. Етикетирајќи ги опонентите се надеваат дека ќе ги натераат на молк. Дека зад стереотипите ќе ја сокријат својата национална и граѓанска голотија и беда. Своите промашувања во политиката. Својата аморалност и нечесност. Ќе го сокријата демонот зад ангелскиот лик. Одсекогаш се кријат зад авторитетот на друг. Зашто свој немаат.

Широк спектар на стереотипи повторно се мобилизираат за оркестриран напад на политичките противници пред изборите во април. Намерно се потхранува злото меѓу луѓето. Се создава црно бела слика за политиката околу која се поларизираат граѓаните. Денес како никогаш порано.

Само глупав оптимист може да ја негира црната реалност на моментот која ни се случува. И да мисли дека сме на правиот пат.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.