Демонстранти влегле во либискиот парламент во Тобрук

Демонстрантите во петокот вечерта упаднале во либискиот парламент во Тобрук и запалиле оган пред зградата за да им го изразат својот гнев на завојуваните политички партии во Либија, изјавиле очевидци за Reuters.

Безбедносните сили кои го штителе парламентот се повлекле од местото на настанот, рекле очевидците,

Протести се одржани во петокот во Тобрук, Бенгази и некои помали градови поради неуспехот на владата.

Либија е во хаос по бунтот од 2011 година кој го поддржа НАТО со кој беше соборен и егзекутиран долгогодишниот автократски водач Моамер ел-Гадафи, а се водеа и борби со џихадистичките групации, како на пример Исламската држава која се обиде да се вкорени во земјата.

Земјата беше поделена во 2014 година меѓу меѓусебно завојуваните источни и западни фракции пред почетокот на мировниот процес кој започна во 2020 година, под патронат на меѓународната заедница со цел повторно да се обедини некогаш богатата а сега разорена и сиромашна земја.

Во 2020 година меѓународно признатата влада со седиште во Триполи, која контролира помал дел од државата, и силите лојални на маршалот Калифа Хафтар, чие седиште е во Тобрук и контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња, договорија примирје со коешто е воспоставена кревка влада на единството.

Изборите требаше да се одржат во декември минатата 2021 година, но планот пропадна поради несогласувањата меѓу фракциите и главните кандидати околу изборните правила. Поради тоа парламентот, кој во текот на судирите застана на страната на источните фракции, одлучи да именува нова влада. Но премиерот на владата на единството Абдулхамид ал-Дбеиба ја отфрли одлуката на парламентот кој го именуваше Фати Башанга да го замени, велејќи дека неговата администрација сѐ уште е важечка и дека власта ќе ја предаде дури по изборите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.