Демонтирање на СЈО – демонтирање на власта на СДСМ

947

СЈО ја заврши кариерата. И тоа на најлош можен начин. Неславно. Мора да се признае дека Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ беа апсолутно во право. Таа чир институција, со таа екипа циркузанти и сензационалисти, не смее да продолжи да постои. Милиони евра, народни пари, за таа чир институција отидоа во неповрат.

Првиот човек на чирот СЈО, Катица Јанева, си поднесе оставка. Опфатена е во истрагата во случајот на Бојан Јовановски, алијас Боки 13, и Зоран Милески Кичеец. Одземен и’ е мобилниот телефон. Сигурно не е поради заедничките фотки со Боки, објавувани по социјалните мрежи. Синот, пак, на Јанева е дел од раководството телевизијата на Боки 13. Можеби и тој е опфатен во истрагата. Засега не се знае.

Но, да не се лажеме. Обвинителката Вилма Рускоска, која повеќе време минува на Илинденска ББ, отколку во својата канцеларија, не е херојот. Тоа се покажа и на нејзината прес-конференција за случајот. Настап пред јавноста без наративи, глума и трескање од земја како на оние на обвинителите од СЈО. Русковска објасни како осомничените го извршиле делото, но не објасни за јавниот обвинител кој го спомна во случајот. Дали тој јавен обвинител ги исполнил барањата на осомничените во однос на сведокот од кого биле земени парите? Како и дали се координирал со осомничените? Дали тој јавен обвинител се омрсил од тие пари? Што тој јавен обвинител направил или ненаправил со случајот на сведокот? Има многу нејаснотии.

Но, кој тоа го демонтира СЈО?

Лично не верувам дека сето ова е домашна манџа. Се’ повеќе ми личи на интернационална кујна. Тие што го монтираа чирот СЈО, сега го демонтираат. А, истите тие ја монтираа и оваа власт во Македонија. Почнуваат ли сега и да ја демонтираат? Или поточно кажано ја забрзуваат и засилуваат демонтажата, бидејќи рака на срце власта во Македонија сама се уништува веќе извесен период. Со ампутација на чирот, власта останува без главната алатка за терање на политички монтирани случаи. Останува без алатка за прогон на противниците и сите оние кои ќе и’ застанат на патот. Од друга страна, пак, аудио бомбите, господ да ни’ е напомош на сите нас во Македонија, којзнае во чии се’ раце се и којзнае колку луе допрва ќе настрадаат.

А, каде се Кики и Фрики во приказнава?

Во ниту еден, од двајцава осомничиени, ниту другите официјално и неофицијално инволвирани во случајот, искрено не препознав дека се ликовите Кики и Фрики од раскажаните приказни на колегата Бранко Героски.

Единствено што од тие приказни знаеме е дека ликовите Кики и Фрики се функционери во владејачката СДСМ. Сегашни или доскорешни, сеедно. Можеби токму тоа е клучот за нивниот спас – партиската функција. Па, затоа се намерно или ненамерно се изоставени во истрагите.

Можеби токму и поради Кики и Фрики, нема да бидат повикани на сослушување газдите на хотелите од Охрид, и градоначалничката на Битола. Или ќе бидат повикани, па ќе се прават дека средби со Кики и Фрики никогаш немало. Останува да видиме.

Ова е втора рекетарска приказна. Првата беше онаа со фамозната агенција за обезбедување „Омерта“. Таа приказна заврши тивко, без последици и без никакви правни разврски.

Но, оваа вторава приказна допрва ќе се развива во драма. Јака драма. А, ми изгледа дека крајот ќе биде многу трагичен и болен.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.