Демос

Чекам уште недела-две да се состави новава влада, каква и да е, па да одморам со коментарите летово. Во политиката, мислам на нашава овде, и онака нема ништо битно да има до есен. А што ќе биде наесен, ќе видиме.

Од страна на власта, досадно. Груевски има потребно, стабилно мнозинство и може да состави влада со кого сака. Логично би било предност да има ДУИ, како што и се случува, бидејќи имаат значително повеќе гласови од ДПА. Но, ако затегаат премногу, ништо не им е сигурно. Колку гласови и да имаат, малку се за диктат.

Од другата, опозициска страна, е повозбудливо. СДСМ одржа конгрес на кој Црвенковски загуби, иако Заев не победи. Победи Шеќеринска. Заев сега има проблем како планина – како две големи спротиставени групи во партијата да ги стави во заедничка функција. Овие на Бранко се покажаа малку на број, но доминираат во квалитет, капацитет и расположливи ресурси. Оние на Заев, собрани по паланките и варошиците, ги има повеќе, ама се без влијание, ликови и без авторитет. Обична партиска маса за гласање.

Само Шеќеринска е во ќар. Иако општо непожелна, се шлепуваше повторно на Заев и со мало мнозинство гласови доби доверба за понатаму. Сега на Заев таа му е камен околу вратот во постапката на мирење со групата на Црвенковски, а во јавноста му е оков на нозете, бидејќи е фабрика за интриги, сплетки, конфликти и дворски игри.

И што сега? Некои од нас ќе преживеат, а некои од вас не…
Македонија нема опозиција, што е незгодна демократска состојба. Во таквата состојба, по правило, се создава малодушност, недоверба во државата и медиумите, намален респект од страна на меѓународната зедница и натрупување социјална депресија. Отприлика, третина од граѓаните не се гледаат себеси во ниту една перспективна политика. За нација без демократска традиција, која пред ова имаше само десет дена Крушевска република и само пет дена национална енциклопедија, додека не ни ја забранија… тоа е премногу голем терет и влез во апатија.

СДСМ се надева дека, од есен, странците ќе преземат во свои раце создавање опозиција и демократски баланс на силите. Тоа е јалова и хибридна, вештачка работа. Колку странците повеќе ќе притискаат, толку од другата страна ќе се здружуваат околу отпорот на таа постапка, доживувајќи ја како национална завера од странство… И освен тензии со понекои протести, ништо продуктивно од тоа нема да биде.

СДСМ не е опозиција, ниту имаат капацитет тоа да станат вакви какви што се сега. Излегуваат од Собрание, но не излегуваат… Еден само да остане е доволно акцијата за бојкотот на Собранието да пропадне. А ќе останат внатре повеќе од еден, тоа е сигурно.

Не е опозиција затоа што после поразот на Бранко на конгресот, допрва им следи внатрешна борба за позиционирање. Која ќе трае долго, барем година дена најмалку. За тоа време Груевски на раат ќе заврши добар дел од проектите и инвестициите, мирно ќе спроведе смена на генерации, а ќе се заборават и сите афери кои СДСМ ги отвори. После ова СДСМ треба да почне се одново. А тешко дека ќе заврши до наредните избори.

Заев се обиде да се коцка со конгресот. Се, па и наводното непризнавање на изборните резултати беше ставено во функција за спас на Шеќеринска и Заев.
На конгресот можеше да поентира. Како Груевски после Љубчо. Кога веќе го порази Црвенковски, можеше јавно да издаде декларација дека се завршило со неговата политика, да исклучи дел од неговите луѓе од партија… да објави дека се ова нови луѓе за нови времиња и да се ослободи од хипотеката на транзицијата.

Но, тој не го направи тоа и можноста е загубена. Не ни може да го примени тој план. Во неговиот тим е Шеќеринска, која е дваесет години во врвот на СДСМ, како што Доста Димова беше со Љубчо… Па, ако тргнеше по патот на Груевски, треба по Бранко прво да се дистанцира од неа и да ја исклучи до партија. За да му веруваат дека има план со нови луѓе за нови времиња. А Заев тоа ниту сака, ниту може да го направи. Тонч.

По Шеќеринска требаше да следи раскин со Тито Петковски… што го немаше.
Па, согласно ова, а не е само ова… СДСМ останува каде што е. На дното.
И понатаму СДСМ има повеќе гревови отколку што има Божји заповеди.
Што би можело да се направи, а да се очекува резултат во опозицијата.
Да се применат искуствата од Словенија, Хрватска и Србија.

Да се создаде формален нов субјект, можеби оној по идејата на Ѓорѓи Спасов, кој заговараше движење ДЕМОС. Демократски сојуз на сегашната опозиција.

Со создавање на ДЕМОС, СДСМ би можел да се спаси од внатрепартиските битки и делби кои следат. Би се дало место, лидерска функција на Пендаровски и би се ставил во понатамошна употреба капиталот од неговите 350.000 гласови.

Во таа асоцијација би се формирало раководно тело од повеќе партии и повеќе јавни личности со сопствен кредит и авторитет. Дел во заедничкото раководство би биле неколкумина од сегашните партиски функционери, а други неколкумина од редовите на поразените приврзаници на Бранко. Со тоа, без да се менува партиската структура и да се создаваат нови превирања, би имало место за сите.

Во новата асоцијација ДЕМОС би се поканиле сите поранешни припадници или соработници на СДСМ: од партијата на Стефчо Јакимовски, Бучковски… што е на прва најмалку 50.000 гласови. СДСМ би го сочувал образот, бидејќи не ги враќа назад во партија, па да мора да се правда… а и тие би го задржале угледот, бидејќи не се враќаат во СДСМ на покајание, туку како опозиција се здружуваат во широка асоцијација.

Помеѓу партиите, уште на создавањето на ДЕМОС, би се составил и би се потпишал облигациски договор за идно однесување, управување на асоцијацијата, поделба на кандидати за парламентарни и локални избори… и би се утврдила строга хиерархија преку управен орган во кој партиципираат партиите и слободните граѓани, луѓе од бизнис-заедницата, интелектуалци и непартиски здруженија. Да се покаже, кога се јавува криза, спремност договорот да се почитува, што значи нов елемент на сериозност и доследност.

Во ДЕМОС би се формирале работни тимови за комуникација и соработка со пожелните целни групи: со бизнис-заедницата, медиумите, малите етнички заедници, дипломатските претставништва тука, меѓународни асоцијации и односи со јавноста.

Секоја група да има прецизни овластувања и право на автономна акција согласно претходниот договор на ДЕМОС и јавно објавената програма за цели и намери.

Само со ова, и само дотука, СДСМ се враќа во живот на начин кој е нова перспектива и ширење на опозициското јадро по пат на институција и соработка. Ако СДСМ успее да се спаси од сопствената суета и нагонот да доминира над ДЕМОС за свои партиски цели, ова би било добра шанса да се скријат хипотеките зад нова фирма, а да се задржи партијата во целина и работна функција, дополнета со нови капацитети и идеи.

Затоа што, сега во СДСМ нема ни луѓе, ни капацитет, а ни идеи. За возврат, има тешки хипотеки, губитничка навика и менталитет, напнати внатрешни односи без завршница и разрешница… Се што вреди во државава, а не во кампот на Груевски, бега од нив како од пробушен брод што најавува излегување на отворено море.

Ниту еден бизнисмен кој држи до себе не е спремен да ризикува углед и личен мир, настрана другото… за да седи со Шеќеринска и Заев и да слуша празни муабети, самосожалувања и плачења. Опашка, со терет на конфликтите помеѓу нив и Црвенковски.

Нема интелектуалец, надвор од партиските функции, кој е спремен да ги дополнува и да ги афирмира политиките на СДСМ, бидејќи тие идеологија сега и немаат. Освен тој Геровски, а и тоа само понекогаш, нема новинар склон на СДСМ кој јавно би артикулирал ставови и нивни проекти, затоа што проекти и нема, а новинарите им се или обични улични плукачи без писменост и авторитет или дрвени филозофи кои никој ниту ги знае, ниту ги чита… освен пријателите и директно засегнатите од партискиот врв.

Со постојани закани, што СДСМ го прави сега, никој не сака да те има на власт. Кога би дошле до власт вакви какви што се сега, вестите би морале да почнуваат после единаесет… за да не се плашат децата од нивниот хорор.

Празните фрази… ние сме за Европа, ние сме Европејци… се банални и дегутантни. Ако ти е поважно да си Европеец од Македонец, земи бугарски пасош. Како Љубчо… и мани се од политичката сцена. Остави ги другите да работат, а Европа ќе се снајде сама.

Секој граѓанин, особено ние без партиски обврски и книшки, е заинтересиран да добие најдобра можна понуда. А тоа се добива само со конкуренција.

Но, ова е само подарок идеја. Киндер јајце со играчка внатре… планот за составување на играчката не е во јајцето.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер