Ден на културата во сообраќајот- РСБСП апелира: Преку личен пример да ја зголемиме безбедноста

На 11 мај 2015 година во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена ореганизација, за првпат е организиран настан во чест на подигнувањето на свеста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот. Овој настан прерасна во традиционална манифестација позната како „Ден на културата во сообраќајот“.

„Сообраќајната култура, етиката, толеранцијата во сообраќајот, сè уште не се на задоволително ниво. Согласно тоа, целта на РСБСП е да се изгради еден систем на општествени вредности во кој безбедноста во сообраќајот, културата и етиката во сообраќајот, ќе заземат соодветно и значајно место. Човечкиот фактор е еден од клучните елементи кои влијаат на нивото на безбедност во сообраќајот. Тука пред сè се мисли на сфаќањата и однесувањето на учесниците во сообраќајот, нивната перцепција за ризикот во сообраќајот, одговорното однесување, совесноста, ставот на учесниците во сообраќајот кон значењето на безбедноста во сообраќајот воопшто“, се вели во соопштението на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и патиштата (РСБСП), од каде апелираат: „Да ја унапредиме културата во сообраќајот почнувајќи од себе и преку личен пример да придонесеме за побезбеден сообраќај“.

Додаваат дека, семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата. Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот. РСБСП континуирано реализира превентивно-едукативни кампањи со кои ќе продолжи и во иднина, затоа што од сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот зависи безбедноста и многу човечки животи.