Ден на рибарите во Охрид, нема официјално организирање поради коронавирусот

На празникот Св. Јован, традиционално секоја година во Охрид се одржува манифестацијата „Денот на рибарите“. Традицијата е на овој ден да се подготви рибна чорба, која се служи бесплатно како и греана ракија, вино и пача.

Традиционално на овој ден охриѓани се капат во езерските води за здравје заедно со тајфата на фаќачот на светиот крст.

-Во минатото, фрлањето на чесниот крст било забрането. На 20-ти завршувал „Татиљот“ или забраната за риболов. Рибарите го искористувале денот, наместо да ловат риби скришно да скокаат по крстот без притоа некој да се посомнева. На најстариот рибар му се давало „бочка“ со вино, па затоа во нивна чест се фрлаат бурињата со вино, со што всушност се продолжува старата традиција, раскажуваат охриѓани.

Годинава, поради коронавирусот, на одржаниот координативниот состанок во Општина Охрид беше одлучено да нема официјално организирање на „Денот на рибарите“ и да не се служи традиционалната рибја чорба.