Дендиас: Грција не поддржува ревизионизам на договорите

Киријакос Мицотакис има излезено со јасен став, земјата има континуитет, Грција не поддржува ревизионизам на договорите, вели пратеникот од Нова демократија Никос Дендиас во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, одговарајќи на прашањето – како можен иден министер за надворешни работи на Грција, како би ја нарекувал соседната земја – Северна Македонија или Скопје?

Дендиас објасни дека тие како партија она што би сакале да го направат е да постигнат промени на некои од одредбите преку, како што рече, „преговори со другата страна“.

– Постојат прашањата за јазикот и за националноста или државјанство, како сакате наречете го. Овие работи треба да се обидеме да ги подобриме. За ова, бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската унија, ќе направиме обиди – вели пратеникот од Нова демократија и објаснува дека тоа не значи дека 100 отсто ќе успеат, туку дека ќе се обидат.

Тој додаде дека „договорот ги решава историските теми“ и тоа е нешто што тие може да го задржат онака како што е, а како позитивен го спомена членот 7.

Во дебатната информативна емисија на ЕРТ, Никос Дендиас истакна дека „не постои политичар од Нова демократија кој поддржува промена на границите на Балканот“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Скопјаните треба да разберат една работа. Единствени во регионот што имаат интерес од нивното постоење и ќе се стремат да постојат како држава сме ние Грците. Сите други или сакаат или да ги апсорбираат или да ги распаднат или да им создадат проблеми. Голема Албанија вклучува еден дел од Скопје, рече Денедиас.

Во однос на протестите против Договорот од Преспа, тој го повтори неговиот став дека е против, рече дека не присуствувал на ниту еден собир, иако ќе имал „политичка придобивка“ доколку го сторел тоа.

Името на Никос Дендиас во изминатите денови се поинтензивно се споменува во Грција како еден од главните кандидати за шеф на грчката дипломатија доколку Нова демократија победи на изборите в недела.

МИА