Дендиас и Помпео констатираа нова ера во грчко – американските односи

Протокол со амандмани на веќе постоечкиот Договор за одбранбена соработка од 90те години меѓу Грција и САД потпишаа шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и американскиот државен секретар Мајк Попмео на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Помпео рече дека Грција е важна за стратешката стабилност во Европа и источниот Медитеран, додека пак Дендиас истакна дека Грција по кризата се враќа на меѓународната сцена како столб на стабилност во поширокиот регион. И двајцата коментираа дека започнува нова ера во билатералната соработка.

-Имаме нов ден во нашите односи меѓу нашите две земји и нашата посветеност на демократијата и се надеваме дека Грција ќе биде стратешки партнер во Европа и во Источниот Медитеран, рече Помпео и додаде дека Америка сака да стане сојузник на Грција во повеќе теми како што е енергетиката.

-Стратешката надградба на соработката со Соединетите Американски држави претставува гаранција за безбедност, стабилност, развој и просперитет, рече Дендиас и додаде дека соработката меѓу двете земј се проширува и во други области како што се економијата, трговијата, енергетиката, инвестициите, борбата со тероризмот и сл.

Дендиас и Помпео на прес конференцијата по нивната средба, освен што говореа за важноста на договорот, одговарајќи на новинарски прашања се осврнаа и на активностите на Турција во Егејското море за кои Дендиас рече дека со “нелегалните дупчења го прекршува меѓународното право”.

-Ги разбираме ризиците, ги знаеме активностите и работиме на тоа да немаме милитаризација на ова прашање и ескалација. Треба да постигнеме заемно прифатливи резултати. Не можеме на никој да дозолиме да прави нелегални дупчења. Не може да се дозволи тоа, рече американскиот државен секретар.

Пред средбата со Дендиас, Помпео се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос.

Додека беше во тек средбата на американскиот државен секретар со министерот за надворешни работи на Грција во грчкото МНР, протест во центарот на Атина, против посеата на Помпео одржаа анархистички и левичарски здруженија и организации, но и Комунистичката партија. Протестите поминаа со мали тензии и судир меѓу демонстрантите и полицијата, а со боја беше нападнат споменикот на Труман.

Протест се одржа и во Солун, каде што демонстрантите пред конзулатото на САД го запалија американското знаме.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.