Денеска е меѓународниот Ден на мажите

Станува збор за иницијатива што во 1999-та година била инаугурирана во Тринидад и Тобаго, а секоја година, со исклучително растечка популарност, редовно помеѓу медиумите се појавуваат натписи од страна на феминистките кои што пак од друга страна тврдат дека ваквото одбележување е потполно беспотребно со оглед на фактот дека “мажите и онака владеат и во останатите 364 денови во годината”.

Со овој настан, кој што се слави во повеќе од 70 земји ширум светот и тоа со поддршка на Обединетите нации, се промовира и безбедноста и здравјето на момчињата и мажите, родовата еднаквост и истакнувањето на позитивната улога на мажите во општеството.

На денешен ден се слават и достигнувањата и придонесите на мажите, особено доприносите за заедницата, семејството, бракот и грижата за децата, при што се смета дека самата улога на мажот како партнер, и сојузник во животот, е многу значајна во борбата против насилството над жените.

Од друга страна пак, животот на мажите неретко е поврзан со физички оптеретувања, поради што тие би морале многу поголемо внимание да му посветат на своето добро здравје, особено поради фактот дека повеќе недамнешни истражувања покажаа дека мажите значајно поретко бараат лекарска помош.

Меѓународниот ден на мажите во Македонија сепак не се одбележува, но затоа пак денешниот ден е значаен за мажите во многу светски држави помеѓу кои се и Австралија, Индија, Кина, САД, Сингапур, Малта, Велика Британија, Јужна Африка, Унгарија, Ирска, Гана, Канада, Данска, Норвешка , Австрија, Босна и Херцеговина, Франција, Италија, Пакистан, Антигва и Барбуда, Свети Китс и Невис, Св Луција, Гренада, Кајманските Острови, Тринидад и Тобаго, и други.