Денес ЕСМ треба да достави понуда до ЕВН за цената на електрична енергија

Денеска ЕСМ треба да достави понуда за купување на електрична енергија кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум на отворениот повик.  Министерот за економија Крешник Бектеши вчера уверуваше дека цената на струјата нема да биде зголемена за повеќе од 10 проценти.

„Согласно сите проекции, зголемување над 10 отсто нема да има, се отфрлаат сите анализи, сите видувања и од експерти во областа на енергетиката и од политички партии, дека зголемувањето ќе биде 30, 40 па и 50 проценти. Да, вистина дека енергетските компании побараа поголемо покачување, може и 100 отсто. Но, ние како одговорна влада, како економски тим, најдовме начин да им излеземе во пресрет на граѓаните и цената нема да се зголемува над 10 отсто“ изјави Бектеши.

Според него, со зголемено домашно производство државата ќе се справи со енергетската криза и граѓаните нема да почуствуваат големи ценовни шокови.  Од друга страна, не е исклучено да се укине дневната евтина тарифа за домаќинствата.

Инаку претходно Васко Ковачевски, генералниот директор на ЕСМ, откри дека наместо задолжителните 60 проценти, одлучено е државното акционерско друштво да покрие 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум преку производство и купување на електричната енергија од надвор.