Денеска ќе се знае дали ќе има продолжен полицискиот час за викендот

Комисијата за заразни болести денеска ќе расправа за траењето на полицискиот час за време на викендот и празниците во понеделник, како и за отворањето на угостителските објекти. И покрај малото зголемување на случаи, епидемијата е под контрола, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Епидемијата е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири, истакна вчера Филипче.

– Го најавивме отворањето на угостителските објекти во оваа недела, но во текот на дискусијата ги имавме предвид и претстојните празници за време на викендот, така што во текот на утрешниот ден ќе ја знаеме дефинитивната одлука согласно стручните препораки – истакна вчера Филипче.

Тој нагласи дека мора сите да ги почитуваме мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот и дека мора да се навикнеме да живееме со вирусот. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести, како што рече министерот, е дека и покрај зголемениот број на новодијагностицирани случаи изминатите денови – епидемијата е под контрола.

Во изминатото деноноќие се регистрирани се 22 нови случаја на Ковид-19 од 533 тестирања, меѓу кои 203 во рамките на скринингот во градинките во Скопје и во Велес. Регистрирани се и 50 оздравени пациенти, додека двајца пациенти починаа.

Најави дека денеска ќе се расправа и за следните чекори на олабавување на мерки за одредени субејкти и економски оператори, кои ги најавиле за крајот на оваа недела, како и за следните чекори за евентуално дополнително олабавување на превентивните мерки.

Овој викенд се преклопуваат два празника – Денот на светите просветители св. Кирил и Методиј и муслиманскиот верски празник Бајрам.

МИА