Денеска гласаат 361 хронично болни, затвореници и лица во домашен притвор

Вкупно 361 изнемоштени, хронично болни лица, затвореници и лица во домашен притвор,чии барања беа прифатени од општинските изборни комисии,денеска гласаат на петтите вонредни парламентарни избори во општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.

Најмногу од нив, вкупно 185, за гласање се пријавени во ОИК Гевгелија и од утрово веќе го остваруваат своето гласачко право од дома, каде со примена на мерките од протоколот за заштита од Ковид-19 ги посетуваат членови на избирачките одбори.

Од оваа категорија на граѓани, во ОИК Богданци барањата за гласање им се прифатени на 83 граѓани, во ОИК Валандово се регистрирани 63 и најмалку,поточно 30 изнемоштени и хронично болни лица ќе гласаат во општина Дојран.

Утре, почнувајќи од 7 часот наутро до 21 часот во четирите општини од југоиточниот регион правото на глас на вонредните парламентарни избори ќе го искористат вкупно 38.438 граѓани заведени во единствените гласачки списоци.