Автомотосојузот на Македонија информира дека од средата се воведува времена измена на режимот на сообраќај поради планираните градежни работи на делницата Фариш-Дреново на експресниот пат Прилеп-Градско.
Според најавата од изведувачот на работите, шпанската „Констракшн Рубау А.Д. Гирона“, градежните активности почнуваат утре во седум часот, а прекини во сообраќајот ќе има од 09:00 до 15:45 часот. Прекините ќе започнат во 09:00, 11:00, 13:00 и 15:00 ч. и ќе траат околу 30-45 минути. По 15:45 часот, сообраќајот ќе се нормализира.
Задутре градежните работи ќе почнат исто така седум часот, а прекините ќе бидат од 09:00 до 11:45 часот, односно во 09:00 и 11:00 и со траење од околу 30 до 45 минути. Сообраќајот ќе се нормализира по 11:45 часот.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.