Денеска ја славиме Василица

Православните христијани денеска ја слават Василица.

Оние кои не кршеле погача со паричка на Бадник, тоа го прават во чест на Василица.

Народот ја слави како Стара нова година, во чест на светецот Василиј но и како обрежување на Исус Христос.

Во секое маало граѓаните со големи огнови, кои се симбол на божествената светлина ги прогонуваат лошите сили и ја испраќаат старата година.

Според стариот обичај, од питата секој во семејството добива по едно парче, а оној кој ќе ја добие паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година.

Василица кај нас се слави во сите православни храмови, многу семејства ја преземаат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина.

Бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на овој ден во 379 година.