Свети Никита Исповедник, епископ Халкидонски
Во младоста се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг. Блескајќи со добродетелта како сонце, беше забележан од црковните старешини и воздигнат на архиерејскиот престол во Халкидон. Како архиереј беше особено милостив кон бедните и многу се грижеше за сираците, вдовиците и ништите. Кога злочестивиот Лав Ерменин стана против иконите, стана и овој Свети Никита во одбрана на иконите, разобличувајќи го царот и објаснувајќи му го значењето на иконите. За ова претрпе многу понижувања, озлобувања и затварања. Најпосле беше протеран во прогонство заради исповедањето на вистинската вера и сред трудови и страдања се престави кај Господ за да прими венец на слава во Царството Божјо.
Тропар
Блажен е подвигот твој, отче преподобен, допирајќи го светот не дозволи тој да те оскверни, пригледуваше сираци и вдовици, згрижуваше сиромашни – сe што беше дозволено и за твојата душа полезно. Гледајќи го тоа, Пастирот за исповедник те повика, тебе кој љубовта твоја прва не ја напушти, така можеше прељубодеец да го наречеш оној кој не ги почитува светите икони. О виножито што небесната вистина на земјата ја посведочи, моли се докрај да истраеме по твоите свети молитви.
Светата маченичка Еликонида
Родена во Солун. Воспитана во христијанското благочестие. Во времето на Гордијан и Филип премина во Коринт, каде што велегласно ги разобличи оние што им принесуваа жртви на идолите. Кога началникот Периниј ја советуваше да му принесе жртва на идолот Ескулап, Христовата маченичка му рече: „Слушај, јас сум слугинка на Христос, а кој е Ескулап не знам. Прави што сакаш.“ За ова беше изведена на суд и мачена со страшни маки. Беше фрлена во оган, но од телото ? се излеа толку крв што огнот се угаси, а таа остана жива. Ја фрлија пред лавови, но тие не ја ни допреа, туку се умилкуваа околу неа. Ја пуштија во храм божем да им принесе жртва на идолите, но таа ги искрши сите идоли и со тоа уште повеќе го озлоби мачителот против неа. Кога лежеше во рани во затвор, ? се јави Господ со архангелите Михаил и Гавриил, ѝ ги исцели раните, ја утеши и ја укрепи. Потоа беше изведена на губилиште за да биде убиена со меч. Пред да ја убијат ги крена рацете нагоре и Му се молеше на Бога да ја приброи кон овците Негови во небесното трло. Кога ја заврши молитвата, се чу глас од небото: „Пријди, ќерко, за тебе има приготвено и венец и престол!“ Најпосле ја убија со меч и прими венец на слава од Господа, на Кого Му се жртвуваше од љубов, чиста и непорочна како јагне.
Тропар
Светлината Христова те просветли тебе, Еликондо света маченичке, и ја растера лагата на мракот, лукавоста човечка беше посрамена, идолите ја спознаа силата на верата, а мачеништвото те однесе до небесната свита. Спомни си за нас, света девственичке, придружничке на Христовите угодници, да се спасат нашите души.
Свети Игнатиј, епископ Ростовски
Како архиереј дваесет и шест години управуваше со стадото Христово. Кога умре и му го положија телото в црква, некои го видоа како стана од ковчегот и се крена во воздухот над црквата, ги благослови луѓето и градот, па пак се врати во својот мртовечки ковчег. И многу други чуда се пројавија на неговиот гроб. Се престави кај Господ на 28 мај 1288 година.
Тропар
Бог само, Кој срцата ги испитува, ги знаеше трудовите твои за верата принесени, и маките породилни, о Игнатие свети, за паствата свештеничка истрпени. Моли се за нас, пастиру Господов, за чии молитви народот Божји пред Христа се надева.
Свети Варлаам Охридски
Свештеномаченикот Варлаам (Валам) бил Охридски Архиепископ од околу 1597 до 1598 година. Сведоштвата за него се оскудни. Веројатно седнал на Охридскиот архиепископски престол околу 1597 година, после заминувањето на неговиот претходник Атанасиј на дипломатско патување во Западна Европа. Поради богољубиви и родољубиви причини бил убиен од Турците на 28 мај 1598 година. Во еден запис за неговото мачеништво стои: „Во летото 7106, месец мај 28 ден, на Архиепископот Охридски кир Валам Турците му ја отсекоа главата во град Велес, откако многу го измачија. Нека му биде споменот вечен“.
Тропар
Ревноста твоја за вистината те награди со венец страдалнички, о епископе Христов Варлааме, а светиот живот твој облагодатен го сочува телото за сведоштво пред светот, кое мироточиво пред Вечноста предстои, на Која ти сега моли се за наше покајание и спасение.