Денеска продолжи доказната постапка за случајот „Титаник”

На денешното рочиште за случајот „Титаник”, кој и понатаму е во фаза на доказна постапка, односно презентација на сведоците од обвинителство, сведочеше поранешна членка на ВМРО-ДПМНЕ, од Штип, која призна дека донирала средства за партијата.

– Средствата од членарината ги собиравме организирано. Некој средства ги имам платено во Кочани, другите во Штип. Личната членарина беше меѓу 300 и 500 денари, но не мора да значи дека тоа е толку – рече сведокот од Штип.

Воедно, сведокот истакна дека во нејзино име се платени и средства и од други членови.

Друг сведок од обвинителството, по професија наставик од Охрид, посочи дека во четири или пет наврати уплатил донација во име на партијата.

– Еднаш имам платено 10, потоа 13, 30 и еднаш имам платено 15 или 18 илјади денари како донација. Првата донација колку што памтам беше во 2013 година – изјави сведокот.

Сведок од Битола, пак, истакна дека од лична желба донирал средства за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, според него обично го правел пред избори.

– Најголема сума што сум ја уплатил колку што памтам е околу 13 илјади денари – рече сведокот.

Судскиот предмет за незаконско финасирање на ВМРО-ДПМНЕ, го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.

Меѓу другото, во отсуство во Кривичниот суд Скопје, за овој предмет како прво осомничен му се суди и на Никола Груевски, кој моментално е во бегство во Унгарија.