Денеска се отвораат трговските центри, обложувалниците, Заводот за рехабилитација…

Од денеска почнуваат со работа моловите, спортските и други обложувалници преку шалтер, центрите за едукација, обука и семинари за возрасни, автошколи, автоиспитни центри, а се отвора и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. Во моловите сѐ уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем за нарачка и достава. Трговските центри ќе работат со ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот со исклучок во недела кога ќе бидат затворени.

Ова е согласно планот што вчера го донесе Владата за попуштање на рестриктивните мерки како процес кој ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.

Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.

Намалувањето на рестрикциите ќе се спроведува низ повеќе фази, а меѓу секоја фаза ќе следи преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука дали се исполнети условите да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.

Сите следни чекори ќе зависат од три критериуми – дали паднемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и контактите и да идентификува повторување на случаи.

Согласно заклучоците на Владата, дозволено е и службено патување надвор од земјата на избрани и именувани лица со почитување на протоколите на Комисијата за одржување потребно растојание, заради координација и други итни причини кои не трпат одлагање.

Се очекува Владата следната недела да го донесе планот за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба и почитувањето на мерките.

Во овој момент Владата не размислува за скратување на полицискиот час, но може да се наметне потребата во периодот што доаѓа посебно поради тоа што економските оператори постепено ќе се враќаат во функција.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера состојбата со коронавирусот во земјата ја оцени како стабилна.