Денеска во Брисел почнува дводневниот самит ЕУ-Западен Балкан

Во Брисел денеска започнува дводневниот самит ЕУ-Западен Балкан, каде ќе имаат средба лидерите на Европската унија и шесте партнери од западен Балкан, на која, би требало да се утврди судбината и европскиот пат на неколку земји.

Вчера германскиот канцелар Олаф Шолц, пред Бундестагот изјави дека на денешниот самит во ЕУ мора да се даде зелено светло за Македонија и Албанија, истовремено изразувајќи надеж дека „сите ќе се надминат себеси и ќе ја сфатат својата одговорност”.

По консултациите со соработниците и членовите на владите, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Македонија Еди Рама и Димитар Ковачевски, сепак, одлучија да патуваат заедно на самитот, а договорени се и принципите за разговори со претставници на Европската унија.

Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува непосредно пред одвоениот самит на европските лидери на кој ќе се разговара за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија. Иако постои иницијатива за доделување кандидатски статус за пристап во Унијата со Украина и Молдавија на земјите од Западен Балкан, особено Босна и Херцеговина, се чини дека нема политичка волја за такво нешто кај сите 27 членки на Унијата.

Во писмото до лидерите на ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ги повика да дадат нов поттик на процесот на проширување и да ја подобрат „интеграцијата на нашите партнери од Западен Балкан“.

Тој рече дека Западен Балкан е важен за ЕУ, а ЕУ е важен за Западен Балкан.

Претходно во средата, германскиот канцелар Олаф Шолц се заложи за зајакнување на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан.

„Ако не покажеме солидарност со тие земји, тогаш Русија и Кина ќе го искористат тоа“, рече Шолц.