Денешниот пес е припитомен токму поради волчјата природа

Научниците истакнуваат дека негативните претстави за волкот не се секогаш оправдани бидејќи токму кооперативната волчја природа му отворила пат за припитомувањето на ова животно и претворањето во верен придружник на човекот.

Волците предводат, а кучињата следат, но и двата вида подеднакво се способни да соработуваат со луѓето, според истражувањето кое дава нов пресврт во приказната како едните се припитомени, а другите не се.

Кучињата им ја должат својата кооперативна природа на волците, покажува истражувањето спроведено на волчиња израснати покрај луѓе. Во текот на припитомувањето тие кои биле попослушни и поподложни на луѓето се избрани за натамошно одгледување поради што денес се подобри домашни миленици, се наведува во студијата објавена во научното списание Scientific Reports.

Сивите волкови во научниот центар за волци во Виена биле подеднакво добри колку и кучињата во извршување на задача со дресер која се состои од повлекување јаже со сад со храна при што песот или волкот го држел едниот крај од јажето а човекот другиот. Но, за ралика од кучињата, волците вклучени во ова истражување биле подготвени и на сопствени тактики, вклучително и кражба на јажето од дресерот.

Фредерика Ранге од институот „Конреад Лоренц“ при универзитетот Ветмедуни во Виена вели дека „Се покажува дека волците се понаклонети да го преземат водството и да започнат нешто додека поголеми се изгледите кучињата да причекаат и да гледаат што нивниот човечки партнер ќе стори и потоа тоа го следат“.

Пред околу 30.000 години волците се приближиле до човечките населби во потрага за отпадоците од храна. Потоа следел процесот на нивното припитомување и селективно одгледување за да се изменат волчјото однесување и гените, и да се претворат во денешните кучиња.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.