Денев, Де Ниро, Бред Пит… на 76-то издание на венециска Мостра

40
ANSA/CLAUDIO PERI

Катрин Денев, Роберт Де Ниро, Бред Пит, Кристен Стјуард, Скарлет Јохансон и многу други филмски ѕвезди се очекуваат на венециска Мостра, на најстариот меѓународен филмски фестивал „Venice Film festival“ кој годинава ќе се одржува од 28-ми август до 7-ми септември, а во своето 76-то издание во фокусот ќе ги има филмовите кои говорат за положбата на жените.

Голем број од 21 долгометражен филм кои ќе се натпреваруваат за Златниот лав се занимава со споменатата тема и „открива нов сензибилитет, дури и кога ги снимиле мажи, што докажува дека полемиките ја одбележаа нашата култура последните години“, изјави во четвртокот во Рим, директорот на венецискиот филмски фестивал, Алберто Барбера.

„Друг важен факт е дека повеќе остварувања се обидуваат темелно да ги реконструираат минатите настани, што ни овозможува на денешните проблеми да гледаме од друг агол“, додаде Барбера претставувајќи го официјалниот избор на филмови за годинешната Мостра.

Седумдесет и шестото издание на еден од најважните филмски фестивали ќе биде отворено на 28-ми август со филмот „Вистина“ (The Truth), на Јапонецот Хироказу Коре-ед кој во 2018 година за филмот „Крадци“(Shoplifters) ја освои Златната палма на исто така престижниот фестивал во Кан. Во „Вистина“ настапуваат двете француски филмски диви, Катрин Денев и Жулиет Бинош.

Како и секоја година, американските ѕвезди и големите холивудски продукции ќе бидат незаобиколен дел од смотрата на Лидо пред почетокот на трката за номинациите за Оскарите.

Бред Пит ќе се претстави во Венеција во „Ad Astra“ на сонародникот Џејмс Греј, научно-фантастичен филм во продукција на „ 20th Century Fox“ во кој ја толкува улогата на астронаут кој се впушта во авантура на границата на Сончевиот систем во потрага по исчезнатиот татко.

Роберт Де Ниро ја толкува една од главните улоги во „Џокер“ на Тод Филипс, филм кој го третира прашањето од каде доаѓа славниот непријател на Бетмен, кловнот кого го толкува Хоакин Феникс.

Стивен Содерберг го дополнува триото американски режисери во Венеција, каде што ќе се претстави со филмот „The Laundromat“, трилер кој раскажува за аферата Панамски документи (Panama Papers) во кој глумат Антонио Бандерас, Гери Олдмен и Мерил Стрип.

Саудиската режисерка Хаифа ал-Мансур се враќа во Венеција, каде што во 2012 година се претстави со „Wadjda“, овојпат со „Идеална кандидатка“, сторија за жена која се решава да се кандидира на локалните избори во Саудиска Арабија.

Контроверзниот но култен француско-полски режисер Роман Полански ќе се натпреварува за Златниот лав со филмот „Обвинувам“, историска драма вдахновена од познатата „афера Драјфус“, во која Жан Дужарден кој го толкува ликот на потполковникот Жорж Пикар кој го рехабилитира неправедно обинетиот за предавство француски офицер на крајот од XIX век.

Годинешниот Венециски филмски фестивал завршува на 7-ми септември со доделувањето на престижното признание Златен лав, а кое се кандидираат следните филмови;

„Вистина“, на Јапонецот Коре-ед Хироказу; „Идеална кандидатка“, на Саудијката Хаифа ал-Мансур“; „За бескрајот“ на Швеѓанецот Рој Андерсон; „Мрежа Wasp“ на Французинот Оливие Асејас; „Брачна приказна“ на Американецот Ноа Баумбах; „Почесен гостин“ на Канаѓанецот Атом Егојан; „Ad Astra“ на Американецот Џејмс Греј; „A Herdade“ на Португалецот Тиаго Гуедеш; „Светска слава“ на Французинот Робер Гедигјан; „Чекајќи ги варварите“ на Колумбиецот Чиро Гуера; „Ема“ на Чилеанецот Пабло Лараин“: „Мартин Еден“, на Италијанецот Пјетро Марчело; „Ниту мафијата не е што беше некогаш“, на Италијанецот Франко Мареско; „Обоена птица“ на Чехот Вацлав Мархул; „Градоначалникот на Рионе Санито“, (здравствениот округ), на Италијанецот Марио Мартоне; „Џокер“ на Американецот Тод Филипс; „Babyteeth“ на Австралијката Шенон Марфи; „Обвинувам“ на Роман Полански, „The Laundromat” на Американецот Стгивен Содерберг и „Бр.7 Чери Лејн“ на Јонфан од Хонгконг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.