Денови кога и магарињата летаат

страшо ангеловски

Верувам дека деновиве не може да не се сетите на онаа старата шега дека и магарето лета. Да, лета, ама ниско, ниско по земја. Па, некако сам по себе ќе ви се наметне заклучокот дека оваа власт,одвојувајќи околу 80.000 евра од европските фондови за дресирање европско (хрватско) магаре, се обидува околу два милиони луѓе во државава да ги научи да летаат. Ама, ниско, многу ниско по земја.

Ако кон ова се додаде и податокот дека наместо преку компјутери и интернет за секое дете, едукацијата (најверојатно на оние два милиони што треба да научат да летаат ниско по земја), ќе ја врши фризерски салон и салон за убавина, на кој му се исплатени околу 270.000 евра, исто така од европските фондови, работите стануваат повеќе од јасни.

Станува јасно дека оваа власт е инсталирана да ја разнебити Македонија по сите основи. После уништувачкиот договор со Атина и, за македонското ткиво канцерогениот договор со Софија, пазарџиската тајфа на Зоран Заев врши и економски пустош во државава. Префрлајќи огромни суми на сметките на своите партиски фризерски „едукатори“ и магарешки дресери, на своите стрини и вујни преку фондот за иновации, на своите блиски фирми преку најразлични тендерчиња и тендери, немилосрдно го празни буџетот и во него создава дупка која не ќе можат да ја затрупаат ниту три наредни Влади.

Ваквиот начин на економско опустошување на државата стана толку безмилосен и јавен, како власта да се надева дека во време на овој мандат ќе успее да го заврши постоењето на оваа и ваква македонска држава, па ќе заврши и постоењето на институциите пред кои сите кои учествувале во криминал ќе треба да одговараат. Од друга страна, ваквото криминално управување со европските фондови во државава, а несанкционирано од „чуварите“ на европскиот трезор, го покажува целиот гнилеж на ЕУ проектот и моралниот и професионален гнилеж на еврократите во Брисел, отуѓени од реалниот живот и постоечката реалност.

За жал, додека власта во Македонија се занимава со “едукација на летечки магариња“ и осиромашување на сопствениот народ и држава, околу нас се случуваат нешта кои се „блиски, а сепак далечни“. Завршува уште еден енергетски проект во кој, Република Македонија повторно не е вклучена. Енергетски проект кој им ветува иднина на сите држави во регионот, освен на Македонија, затоа што по втор пат, останува надвор од енергетските патеки.

За што станува збор?

После нешто повеќе од четири години работа довршен е таканаречениот Трансјадрански гасовод, кој е дел од европскиот „Јужен гасоводен коридор“ и се надоврзува на Трансанадолискиот гасовод, преку кој од Азербејџан, преку Грузија, веќе се испорачува гас во Турција. Трансјадранскиот гасовод е веќе наполнет со гас на спојувањето со Трансанадолискиот гасовод на грчко-турската граница, со што, гасот од азербејџанското касписко наоѓалиште Шах Дениз треба да стасува до крајниот терминал во јужна Италија.

Според податоците на компанијата оператор на овој гасовод, тој ќе биде пуштен во употреба до крајот на годинава, ќе биде долг 878 километри, а годишно ќе испорачува околу 10 милијарди м3 гас наменети за Грција, Бугарија, Албанија и, најголем дел за Италија.

Со тоа, овој Трансјадрански гасовод станува еден вид конкуренција на втората цевка на рускиот гасовод Турски тек, која се уште не е довршена, а преку која со гас ќе се снабдуваат Бугарија, Србија и Унгарија, а еден крак ќе се одвои и кон Република Српска во БиХ. Првата цевка од овој гасовод е веќе во употреба од почетокот на годинава и ја снабдува Турција, а оваа втора цевка која треба скоро да профункционира ќе има капацитет од околу 15 милијарди м3 гас годишно.

Не треба да се биде ниту политички, ниту географски многу писмен за да се види дека единствена држава во регионов низ која нема да поминува ниту една гасоводна цевка е токму Република Македонија.

За жал, несфатливо за секој нормален ум, сами се откажавме од веќе зацртаната траса низ државава на рускиот гасовод Турски тек, заради најсмешната теза за руското влијание во Република Македонија, со што пропуштивме гасоводот да поминува низ Вардарската долина и да ја снабдува државава со гас. Со тоа, се откажавме и од оние огромни суми долари со кои ќе се полнеше буџетот, а кои се исплаќаат за транзитирањето на гасот низ државната територија.

Сега, заради неспособноста и незаинтересираноста на власта, не успеваме да се приклучиме ниту на Трансјадранскиот гасовод, со што остануваме слепо црево во енергетскиот организам на Европа, крајно зависни од другите извори на енергија или од милоста на соседите, оние „добронамерните“, да ни пуштат некоја цистерна со гас со која ќе ја „гасифицираме“ Македонија.

И, додека ги учиме магарињата да летаат, остануваме единствената држава во регионот без енергетска иднина, а со тоа, со исклучително мали шанси за економски развој и подобра иднина. Затоа по којзнае кој пат, ќе го парафразирам Томас Џеферсон кој вели дека секоја Влада која работи спротивно на интересите на својот народ треба да биде урната и заменета со нова.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес