Денвер го победи Сан Антонио во решавачкиот меч, Торонто поведе против Филаделфија

Frank Gunn/The Canadian Press via AP

Кошаркарите на Денвер Нагетс пред своите навивачи во „Пепси Центар“ ги победија Сан Антонио Спарс со 90:86 во решавачкиот седми натпревар од серијата во првиот круг од доигрувањето во НБА лигата, и така првпат по десет години влегоа во конференциското полуфинале во кое ќе играат против Портланд Трејл Блејзерс.

Нагетс до победата ги водеа Џамал Мареј со 23 коша и Никола Јокиќ со 21 поен, 15 скокови и 10 асистенции остварувајќи го вториот „трипл-дабл“ учинок во оваа серија. Спарс во овој дуел ниту еднаш не беа во водство, најдобар стрелец беше Руди Геј со 21 поен а го следеа Брин Форбс и Демар Дерозен со по 19 коша.

Во првиот меч од полуфиналето во Источната конференција, Торонто Рапторс пред својата публика во „Скотиабенк Арена“ со 108:95 ги победија Филаделфија 76ерс. Рапторс до победата ги водеа Кејви Леонард со 45 коша и Паскал Сиакам со 29 поени. Кај Филаделфија Џеј Џеј Редик постигна 17 коша, а Џоел Ембид 16 поени.