Денвер со нов пресврт избори седми натпревар

Кошаркарите на Денвер Нагетс успеаја да го израмнат скорот во победи на 3-3 во серијата против Лос Анџелес Клиперс во полуфиналето на Западната конференција од доигрувањето во НБА лигата, со победата од 111:98 во шестиот натпревар во серијата до четири победи.

Речиси идентично како и во петтиот дуел одигран пред два дена, Нагетс успеаја да го надоместат големото заостанување кое го имаа дури до средината на третата четвртина. Овојпат Клиперс по две минути од второто полувреме имаа предност од 19 поени 68:49, и се чинеше дека дуелот е решен бидејќи нема да си дозволат како во петокот кога испуштија предност од 16 коша.

Тренерот на Клиперс, Док Риверс, во тој момент започна со мешање на петорките, што донесе само брканица по паркетот. Во ваквиот стил на игра многу подобро се снајдоа Нагетс кои предводени од Никола Јокиќ и Џамал Мареј за само седум минути ја стопија предноста на противникот на само еден поен 72:73.

Клиперс третата четвртина ја завршија со шут од игра 4 од 21, а не успеаја да го сменат ритамот нешто подрастично ниту во последната делница, иако Риверс на теренот ги врати своите најдобри играчи Каваи Леонард и Пол Џорџ. А кога Јокиќ врза два тројки и ги однесе Нагетс на предност 91:84, веќе стана јасно дека Клиперс тешко ќе се вратат во игра. Имено кај Нагетс во последните 12 минута сите играчи ги реализираа шутевите од дистанца, додека Клиперс продолжија со промашувањата, па второто полувреме го завршија со 10 погодени шута од 39 обиди, а со тоа Денвер лесно дојде до конечниот триумф.

Нагетс втора серија по ред се враќаат од заостанувањето 1-3 во победите, во првото коло ги исфрлија Јута Џез со три победи по ред кога беа соочени со елиминација.

Екипата од Денвер ја предводеше Никола Јокиќ со 34 коша, 14 скокови и 7 асистенции, додека Мареј додаде 21 поен и по 5 скокови и асистенции. Кај Клиперс најдобри беа Пол Џорџ со 33 и Каваи Леонард со 25 поени.

Решавачкиот седми натпревар, од кој победникот ќе се пласира во финалето на Западната конференција каде го очекуваат Лос Анџелес Лејкерс, ќе се игра ноќта кон средата.