Дербито дела Мадонина за Интер, Јуве тешко до победата над Верона

ANSA/MATTEO BAZZI

Во едно од најголемите дербија во италијанскиот фудбал, попознато како „Дерби дела Мадодина“, Интер како гостин го победи градскиот ривал Милан со 2:0 во четвртото коло од Серија А.

Еден од најдобрите играчи на „Нераѕурите“, Марсело Брозовиќ, го отвори резултатот во 49 минута, откако шутираше од 16 метри, а топката погоди еден играч и го измами Донарума. Судијата Даниеле Довери првично го поништи погодокот поради офсајд, но по прегледот на ВАР-от го призна голот. Победата Интер ја потврди во 78 минута кога Ромелу Лукаку со глава постигна погодок по асистенцијата на Николо Бареља.

Интер со победата ја продолжи серијата без порази во градските дербија на шест првенствени натпревари, остварувајќи притоа четири победи и две ремија.

Интер сега е прв со 12 бодови, два повеќе од Јувентус, а ги следат Болоња со 7 и Наполи со 6 кои имаат натпревар помалку. Милан, пак, остана на 6 бодови со кои привремено е на 9-то место.

Во Торино, Јувентус далеку потешко отколку што се очекуваше ја победи Верона со 2:1. Гостите поведоа во 20 минута со убавиот гол на Мигуел Велос кој со удар од повеќе од 20 метри го совлада Џанлуиџо Буфон. Интересно е што само 30-ина секунди претходно Верона имаше пенал, но Самуел ди Кармине ја погоди стативата, на топката налета Дарко Лазовиќ но и неговиот удар заврши во рамката од голот на домашните, а во продолжение од акцијата топката дојде до стрелецот Велос. Арон Ремзи израмни во 32 минута, а Јувентус победи со голот на Кристијано Роналдо во 50 минута од пенал. Иако домашните во второто полувреме играа поангажирано, Верона испушти шанса во 90 минута да освои бод, откако Буфон го одбрани ударот на Лазовиќ, а Велосо ја погоди стативата по одбиената топка, а потоа исклучен кај гостите беше Мараш Кумбалиа. Верона остана со четири бодови на 12-то место.

Во претхдно одиграниот натпревар Удинезе на своето игралиште беше поразен од Бреша со 0:1, што е трет пораз оваа сезона. Стрелец беше Ромуло во 58 минута. Удинезе моментално е на 17-то место со три бода и може да назадува уште повеќе по завршувањето на колото. Бреша, пак, за својот квалитет е на солидното 9-то место со шест бодови.

Во петокот Калјари дома со 3:1 ја победи Џенова на Горан Пандев. Калјари поведе во 47 минута со голот на Џовани Симеоне, а Џенова израмни во 84 минута преку Кристијан Куаме. Но веќе следната минута Кристијан Запата постигна автогол, а победата на домашните ја запечати Педро Жоао во 88 минута. Калјари е петти со шест бодови, а Џенова има четири бодови и е на 12-то место на табелата.

Во недела се играат натпреварите: Сасуоло – СПАЛ, Болоња – Рома, Лече – Наполи, Сампдорија – Торино, Аталанта – Фиорентина и Лацио – Парма.