Дербито со Арсенал за Ливерпул, Палас победник во Манчестер

Фудбалерите на Ливерпул во дербито на третото коло од англиското првенство во саботата вечерта на својот „Енфилд“ го победија Арсенал со убедливи 3?1 (1:0) и така останаа осамени на чело на табелата.

Ливерпул не загубил од Арсенал во последните девет последователни натпревари, има скор од пет победи и четири ремија. На „Енилд“ екипата на Јурген Клоп не е поразена во 42 последователни натпревари во првенството на Англија, во кои 31 пат забележаа победи а 10 натпревари завршиле без победник. Рекордната непобедливост на Ливерпуп на домашен терен изнесува две години и 123 дена.

Мохамед Салах беше двоен стрелец, во 49 од игра по одличен продор и во 59 минута од пенал за „Редсите“, за кои водечиот погодок во 41 минута го постигна Жоел Матип кога ја натскока гостинската одбрана по изведениот корнер. За Арсенал, кој иако беше надигран остави солиден впечаток, стрелец беше Лукас Тореира во 85 минута.

Со стопроцентен ефект од првите три кола Ливерпул е на чело на табелата со девет бодови, а по првиот годинешен пораз Арсенал останува на второто место со шест бодови. Следниот меч Ливерпул го игра на гости кај Барнли на 31-ви август, а Арсенал ден подоцна на својот терене ќе се соочи во големото лондонско дерби со Тотенхем.

Манчестер Јунајтед по фуриозниот старт на сезоната и победата од 4:0 над Челзи, и минато коло кога ремизираше и испушти победа кај Вулверхемптон, во третиот дуел, втор на својот „Олд Трафорд“, го доживеа и првиот пораз – од Кристал Палас со 1:2. Ова е првата победа на Палас на гости кај Јунајтед во првенството по цели 30 години, и тоа изборена во драматичен финиш. Така сега и петтиот Јунајтед и десеттиот на табелата Палас имаат по четири бодови.

Гостите поведоа со 1:0 преку Џордан Ејев во 33 минута, а откако Маркус Рашфорд не релизираше пенал и шутираше во стативата во 70-та, сепак Данел Џејмс со погодокот во 89 минута донесе израмнување за Манчестер Јунајтед, а победата на Кристал Палас му ја донесе Патрик Ван Аанхолт во втората минута од судиското продолжение.

Челзи со 3:2 (2:2) дојде до гостинска победа кај Норич Сити во мечот во кој првите четири погодоци беа постигнати во првите половина час игра. Лондонците поведоа со голот на Тами Ејбрахам во 3 минута, а Тод Кантвел израмни по само три минути. Веќе во 17 минута „Сините“ повторно доаѓаат во водство преку Мејсон Маунт а Теему Пуки повторно израмнува во 30 минута. Ејбрахам по вторпат беше стрелец за Челзи во 68 минута, а играчите на Норич не можеа и по трет пат да ја погодат гостинската мрежа.

По оваа победа Челзи се искачи на 12-то место со четири бодови, додека Норич е 16-ти со три бода.

Денот на гостински победи во Премиер лигата во саботата ја дополни и Вест Хем Јунајтед кој со 3:1 победи кај Вотфорд. „Чеканите“ поведоа од пенал веќе во 3 минута, преку Марк Нобл, а во 17 минута за Вотфорд израмни Андре Грај, Но во средината на второто полувреме Себастијан Халер со два гола за кус период, во 64 и 73 минута, му ги донесе трите бода на Вест Хем.

Вест Хем Јунајтед по три кола е 13-ти со четири бодови, а Вотфорд и по третото коло останува без бодови и е на последното 20-то место.

На гости, и тоа првпат сезонава, славеше и Саутемптон, со 2:0 кај Брајтон енд Хоув Албион. Откако домашните во 30 минута останаа со играч помалку кога црвен картон му беше покажан на Флорин Андоне, во второто полувреме преку Муса Џенепо во 55 и Нејтан Редмонд во првата минута од судиското продолжение гостите ги освоија сите три бода.

Брајтон пропушти можност барем на почетокот од сезоната да се пробие во самиот врв на табелата, и остана на 4 бодови на 7-то место, а Саутемптон со 3 бода е 17-ти.

Шефилд Јунајтед, исто така, не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен и по долгогодишното отсуство од „првата класа“ да се најде меѓу водечките тимови, откако беше поразен со 1:2 од Лестер. Гостите поведоа во 38 минута преку Џејми Варди, а за домашните израмни во 62 минута Оливер Мекбарни. Повторно водство и конечна победа на Лестер му донесе Харви Барнс во 70 минута.

Лестер со првата победа сезонава по претходните две ремија има 5 бодови и е моментално на 3-то место на табелата, а Шефилд сега е 9-ти во групата екипи со по 4 бодови.

Претходно во петокот вечерта по двата воведни пораза фудбалерите на Астон Вила ја впишаа првата победа во новата сезона, на отворањето од третото коло во петокот вечерта на домашен терен го совладаа Евертон со 2:0. Погодоците за некогашениот европски шампион, кој се врати во Премиер лигата по три години, ги постигнаа Весли Мораес во 21 и Андав Ел Гази во петтата минута од судиското продолжение.

Астон Вила во моментов е на 15-то место со три, а Евертон е 11-ти со четири бодови.

Во недела програмата ја отвораат Борнмунт и Манчестер Сити, а потоа следат дуелите Тотенхем – Њукасл и Волфс – Барнли.