Деркоски: По 35 години ќе се модернизира желеницата

Инвестициски бум се случува во железничкиот сообраќај во Македонија, се набавуваат нови и најсовремени возови и вагони, се реконструира железничката инфраструктура, а се градат и нови пруги кои ќе ја поврзуваат Македонија со соседните земји. А тоа, како што вели во интервју за Курир, директорот на Македонски железници – Транспорт, Оливер Деркоски, е само почеток кон приближување на нашата железница до европските и светските железници. Ова за патниците како што рече тој ќе значи подобри условите во железничкиот сообраќај, задоволување на сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.

Господине Деркоски вкупно 150 нови товарни вагони се очекува да пристигнат кон крајот или почетокот на идниот месец. Што ќе значи тоа за железничкиот сообраќај во Македонија?

– Во рамките на проектот за обнова на возниот парк на Македонски железници АД Транспорт е и набавката на нови 150 товарни вагони. Како што кажавте на почетокот на наредниот месец очекуваме да пристигне првата група од 15-тина товарни вагони, а до крајот на годината ќе пристигнат сите 150 товарни вагони онака како што е и предвидено со договорот со добавувачот ЖОС Трнава од Словачка, којшто го склучивме во текот на изминатата година и којшто постепено се реализира. Очекуваме со тоа да го подобриме нашиот возен парк со два типа на нови товарни вагони коишто ќе можат да помогнат многу во развојот на транспортот, односно во железничкиот сообраќај. Тоа би значело пред се` после 35 години период набавка на нови средства во товарниот сообраќај коишто ќе придонесат за транспорт во контијнерскиот сообраќај, меѓутоа секако ќе користат и во транспортот на руда, јаглед и останати стоки во нашата држава.

vozovi500

По цели 35 години по македонските железници ќе се возат нови возови по светски стандарди. Ќе се набавуваат нови шест железнички гарнитури, кога се очекува да пристигне првиот таков воз во Македонија?

– Согласно договорот со кинеската компанија CSR Corporation Limited треба шесте гарнитури на возила да почнат да пристигнуваат веќе од август наредната година, првиот воз да пристигне во август и до крајот на 2015 година да се заврши целата процедура на набавка на новите патнички возови. Како што можат нашите сограѓани да видат во периодот во кој што полека ги промовираме тие нови возови, може да се примети дека се тоа возови кои што ги исполнуваат сите европски стандарди, од најсовремен тип, возови кои што ќе бидат климатизирани, со вакум тоалети кои што ќе бидат со посебен простор за лица со посебни потреби, комплетно модерен воз кој што ги задоволува сите европски стандарди. Сметам дека ќе се случи една мала револуција во промената на имиџот на нашата компанија затоа што мораме да признаеме дека сегашниот имиџ на нашата компанија е малку лош, заради средствата кои ги имавме во изминатите 30-40 години. Стари се, тешко се одржуваат, многу често се предизвикуваат дефекти на самите средства, меѓутоа ова ќе значи еден прв чекор во промена на тој имиџ на позитивно и ќе значи зголемување на искористувањето на средствата на Македонски железници и транспорт. Возовите ќе бидат со проектирана брзина од 140 километри на час, меѓутоа не секогаш зависи брзината на возот од самиот воз, тоа треба да го дозволува и пругата и од тие причини сметам дека зафатите кои се преземаат на самата инфраструктура ќе го овозможат тоа, а фрекфенцијата која ќе ја направиме со новите возни средства ќе овозможи граѓаните многу почесто да мигрираат од град во град, од село во град, во различни краишта од нашата држава, а со тоа и да ги остваруваат своите потреби.

interior-voz-nov500

Господине Деркоски најавена е и целосна реконструкција на главната железничка станица во Скопје. До каде е тој проект и кога ќе можеме да го видиме новиот и современ лик на железничката станица?

– Се очекува пролетта 2015 година, април-мај месец, да заврши реконструкцијата на железничката станица во Скопје. Тоа е согласно проектот и изведувачот којшто ги работи работите на централната железничка станица. После долги години станицата ќе го добие заслужениот лик, а и патниците коишто се многу често на таа станица ќе имаат малку подобри услови од она што сега го имаат. Ќе имаат можност да бидат присутни на една вистинска железничка станица, онакви какви што ги има насекаде во Европа и во светот. Со тоа ќе ги задоволиме и практично сите стандарди и потреби на граѓаните при користењето на воз.

Во тек е и реконструкцијата на железничката инфраструктура на Коридорот 10. Колку делници досега се реконструирани и кога се очекува да биде завршен целиот проект?

star-voz500

– Во рамките на проектот за искористување на средства од ИПАРД програмата и проектот за кредит од Европската банка за обнова и развој за реконструкција на железничката инфраструктура, досега се реконструирани две делници од Куманово до Табановце и од Смоквица до Гевгелија, меѓутоа сега е во тек последната трета делница од Ногаевци до Неготино, којашто сметам дека ќе биде навреме завршена и некаде наредната пролет до крајот на мај месец ќе биде ставена во функција, онака како што е предвидено, а работите коишто ги изведува изведувачот се одвиваат со полна динамика, така што сметам дека конечно Коридорот 10 ќе го направиме да биде коридор на којшто ќе можат нашите возови да се движат со проектирана брзина од 120 км/ч, а со тоа ќе се зголеми и протокот на стоки и патници на истиот коридор. Многу беше битно да се изврши оваа реконструкција на повеќе делници на Коридорот 10, затоа што преку 35 години не беше интервенирано на истиот коридор, а тој е најискористуваниот во нашата држава и пошироко. Транзитираат преку 1.000 возови годишно на тој коридор, а се врши и главниот увоз од пристаништето во Солун кон главните центри во нашата држава преку истиот коридор. Овие работи беа неопходни и согласно предвидената динамика се завршуваат навреме и сметам дека во наредниот период ќе имаме и спремна инфраструктура за новите возни средства коишто ќе ги најавиме.

Неодамна беше означен и почетокот на изградбата на железничката инфраструктура од Коридорот 8, односно пругата до границата со Р.Бугарија, до каде е тој проект?

– Тоа е продолжување на стариот проект за изградба на пруга кон Бугарија, сон кој долго трае. Конечно се одлучи Владата преку Министерството за транспорт да се исфинансира и д го изработи овој проект. Работите се одвиваат на првата фаза за реконструкција на постоечката делница од Куманово до Бељаковце за првите 40-тина километри и се одвиваат согласно динамиката што е предвидена, ќе има изградба на навистина добра делница. Во тек е обезбедување на средствата за втората делница до Крива Паланка, а се работи и на делот од Крива Паланка до бугарската граница. Паралелно со тоа се работи на продолжување на Коридорот од Кичево до албанската граница и предвидено е комплетно да завршат работите во 2022 година, со целокупна изградба на нов Коридор 8, комплетно изграден и рекоструиран во старите делници и електрифицирана пруга и тоа ќе значи една огромна предност за нашата држава затоа што делницата од Скопје кон Софија во должина од 220 километри ќе можеме да ја поминуваме многу брзо, ќе можеме да транспортираме стока и патници брзо. Правиме и приклучок кон пристаништето Драч во Албанија кое е на околу 300 километри од Скопје. Тоа е алтернативен приклучок за излез на море кој е неопходен со ситуација која постојано се соочуваме со тивки блокади од страна на Грција, од страна на службите во пристаништето, грчката железница, од страна на грчката царина итн. комбинирани блокади кои предизвикуваат огромни штети за нашето стопанство.

nov-voz500

Како што можевме да заклучиме се модернизира целиот железнички сообраќај во Македонија. Колку со тоа нашата држава се доближува до железничкиот сообраќај во останатите европски држави?

– Тоа беше и целта на целиот овој циклус којшто го предвидуваме за инвестиции. Јас се надевам дека ова е само почеток кон приближување на нашата железница до европските и светските железници – тоа и те како и беше потребно на Македонија. Се надевам дека во наредниот период кога граѓаните ќе сфатат дека железницата оди во вистинска насока и дека сме на вистински пат ќе ги користат повеќе нашите услуги и ќе придонесат за уште подобар и подинамичен развој на нашата железница, затоа што нема држава во светот којашто не ја развива железницата, гледаме дека многу често заради најразлични причини, дали климатски промени или други типови на промени, државите се одллучуват на развој на железниците, а ги напуштаат другите останати типови на превоз. Еден таков класичен пример во моментов е воспоставување на железничка товарна линија меѓу Кина и Германија кадешто еден воз стигнува за неполни 17 денови што е пократко од транспортот на стока со брод за 20 дена, што значи дека полека државите сфаќаат дека транспортот со железница треба да си го завземе своето место, но и својот приоритет. Во Р. Македонија со поддршка на Владата ова практично е почеток на циклусот на инвестирање во Железницата и во нејзиниот развој.