Деркоски: Tврдам дека ДИК си ја заврши работа како што треба согласно Уставот и законите

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно ги отфрли сите 2.142 приговори поднесени од партиите за предвремените парламентарни избори. Членовите на ДИК истакнаа дека работеле согласно Уставот и законите, оти резултатите од изборите се точни, навремени и вистинити, како и дека записниците од резултатите се потпишани од сите членови на избирачките одбори и од општинските изборни комисии и оти на нив нема забелешки во однос на поднесените приговори. За барањата за рачно броење на гласачките ливчиња, потенцираа дека децении наназад ливчињата се бројат рачно и дека секое ливче се покажува јавно пред сите членови на избирачките одбори.

За 1.478 приговори од вкупно 1.982 поднесени од Левица, членовите на Комисијата утврдија дека тие немале потпис од овластениот претставник и немаат печат од подносителот на листата, додека за другите 504 потенцираа дека не се поткрепени со докази и текстот во образложението е ист за сите овие приговори. За приговорите на АА и на Алтернативата исто така беше оценето дека не се поткрепени со докази, како и на Демократи, на СДУ, на Интегра, МОРО Работничка партија и на ВМРО-ДПМНЕ. Во приговорите се бараше рачно броење на избирачките ливчиња, увид во избирачкиот материјал, како и во неважечките ливчиња.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски истакна дека овие две години, Комисијата покажала дека работи врз основа на почитување на законите и дека тоа нема да се промени во ниту еден случај, па ниту во овој случај.

-Ние како ДИК пред нас имаме Изборен законик, имаме Упатство за решавање по приговори. Како ДИК извршивме проверка на целокупниот изборен материја, записници 16 и 21 од сите општински изборни комисии. Во ниеден записник немаше ставено забелешки по причините кои се наведени во приговорите. Одговорно тврдам дека ДИК си ја заврши работа како што треба согласно Уставот и законите. Истовремено ги поздравувам сите кои на Фејсбук и на останатите социјални мрежи мислат спротивно од мене дека можат да продолжат да мислат така, меѓутоа јас одговорно ви кажувам дека нема ниту еден единствен пат да работам спротивно на законите на оваа држава, рече Деркоски.

Вољата на граѓаните, според него, е искажана на изборниот ден, и секој си има право да гласа по сопствено убедување.

-Она што беше приказ на резултатот, тоа ДИК го утврди, го констатира и го објави. Техничките проблеми кои се појавија во текот на објавувањето на резултатите никогаш не влијаат на утврдувањето на резултатите, ниту влијаеле. Броењето на резултатите – не треба да се правиме дека сега првпрат воочуваме дека броиме резултати рачно на секое избирачко место. Тоа го правиме наназад децении, потенцираше претседателот на ДИК на седницата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.