Деркоски: Во набавките извршени од ДИК се беше законски и транспарентно

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски во изјава за 360 степени вели дека останува на тоа што го тврдел и претходно, „дека тие воделе транспарентна и законска постапка“.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага, каде покрај Деркоски, за злоупотреба на службената положба и овластувања осмничени се и тројца членови на Комисијата за јавни набавки во ДИК и сопственик на фирма.

Една од набавките за кои се однесува истрагата е за софтверот во вредност од околу 900 000 денари, кој беше во фокусот на јавноста за време на последните парламентарни избори кога падна страницата на ДИК, додека другата изнесува 350.000 денари.

За понудите за софтверот, Деркоски потсетува дека имало две, од кои била избрана пониската од околу 900.000 денари, додека другата била речиси 4 милиони денари.

Во однос на транспарентноста на постапката која е предмет на истрага, тој повторно алудира и на досегашната пракса и наведува дека во 11 изборни циклуси претходно се склучувале договори за ваква набавка од над 4 милиони денари.