Дешамп ќе менува, Данска сака да ја продолжи низата без пораз

Денеска на Мундијалот се натпреварите во групите „Ц“ и „Д“  каде Франција и Хрватска се веќе осминафиналисти, па двете репрезентации се цел на критики бидејќи нема да настапат во најсилни состави, што може да има влијание врз пласманот на останатите селекции кои се борат за останатите две места.
Први на програмата се мечевите од групата „Ц“, во кое се игра и дербито Франција- Данска.

Селекторот на Франција, Дидие Дешамп вели дека не размислува за противникот во осминафиналето, како и дека целта на тимот е победа против Данска и освојување на првото место во групата. Сепак…

Сѐ уште не сум одлучил кого ќе сменам и колку промени ќе има. Но кога по две кола имате 6 бода и сигурно сте во вториот круг мора да гледате напред. Тука имам 23 играчи и сакам да имам натпреварувачки тим, сите од нив се важни. Ова е прашање на управување, мора да повлечете одредени потези и одлуки. Но ако ги сменам играчите тоа не значи дека целите се менуваат. Без разлика кој тим ќе истрча ќе одат по победа, изјави Дешамп.

Најверојатно, иако тој се уште не одлучил, Дешамп ќе ги промени Лорис, Погба, Матуиди, а можеби на клупата ќе остане и Гризман.

И Рафаел Варан смета дека не калкулираат и дека одат на победа.

Но независно од калкулациите, Данска е сериозен тим кој може да ја победи Франција и во најсилниот состав. Данска последен пат загуби на официјален натпревар во октомври 2016 година од Црна Гора, а прими само три гола во последните 10 натпревари. Покрај тоа, пласманот на Данска сé уште е неизвесен ако загубат, а Австралија го победи Перу.

Тоа што Франција ги менува играчите е нормално. Французите тоа го направија и пред две години на ЕП, бидејќи веќе имаа обезбедено пласман во наредниот круг. Тие имаат одлични поединци на клупата и можат секого да го надоместат. Без оглед на сè имаме голема самодоверба, веруваме дека ќе одиме понатаму, имаме и четири бода. И тоа е одлично, изјави данскиот селектор Аге Хареиде, кој неодамна ја критикуваше Франција дека не игра нешто посебно и не ги гледа како фаворит за титулата.

Данците, нормално, ќе следат што се случува и на натпреварот Перу- Австралија.

Имаме таму човек кој ќе ни кажува што се случува за да можеме да промениме нешто ако е потребно, но резултатот нема да им го кажуваме на фудбалерите, вели Хариде.

Натпреварот почнува во 16 часот.

За Данска ќе настапат Шмајхел, Ларсен, Кристенсен, Кјаер, Далсгард, Шоне, Делани, Систо, Ериксен, Бретволт и Јоргенсен, а за Франција Манданда, Хернандез, Кимпембе, Варан, Павард, Толисо, Канте, Товин, Лемар, Фекир и Гризман.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.