Десет цивили убиени во експлозија во Авганистан

Десет цивили, меѓу кои жена и дете, загинале во експлозија на бомба во југоисточната авганистанска покраина Газни, според изјавите на локалните власти.

Повредени се шест лица, вклучително и три жени.

Бомбата експлодирала во петокот утрото во населбата Јагато, рекол локалниот советник Насир Ахмад Факири. Портпаролот на гувернерот на покраината Газни, Ариф Нури, ги потврдил овие наводи.

Бомбата била поставена околу 300 метри од воената база за на неа да наидат авганистанските безбедносни сили, а локалната власт за нападот ги обвинува талибаните.

Станува збор за втор напад во оваа населба во последните две седмици.

Според Мисијата на Обединетите нации за помош на Авганистан (UNAMA), од јануари до септември годинава во оваа земја животите ги загубиле 2.500 лица, а ранети се повеќе од 5.600 луѓе.