Десет граѓани избркани од Зоолошка-ги хранеле животните и покрај забраната

Десет лица денеска биле избркани од ЗОО Скопје бидејќи не го почитувале правилникот на Зоолошката во Скопје и покрај забраната, ги хранеле животните, потврди портпаролот на Зоолошката градина во Скопје Тина Мицковска за Фокус.

На пет локации во Зоолошката градина пред неколку дена се поставени табли со кодекс за однесување, на кои јасно е истакнато дека секој кој храни, вознемирува, допира животни и фрла отпадок во нивните живеалишта, може да биде отстранет од градината, но и подлежи на казна.

Хранењето на животните од посетителите досега предизвикало здравствени проблеми кај животните, а вработените во повеќе наврати апелираа дека не треба да им се даваат разни грицки и благи намирници кои може да им наштетат, но сепак голем дел од посетителите ги игнорираат забелешките.

Лани во јули Зоолочката градина започна со кампања „За здрави и среќни животни“ за подигнување на свеста кај посетителите, чија цел е да се спречат несовесните посетители да фрлаат храна, но и отпадоци во живеалиштата на животните во Зоолошката градина.

Почнавме со кампањата за зашита на животните. Причина за тоа се несовесните граѓани кои и покрај предупредувањата, на животните им даваат висококалорична храна, но фрлаат и отпадоци кои можат да го загрозат нивниот живот. Нашите животни се хранат со здрава храна, редовно и по нормативи. Секој жител на Зоолошката има свое мени, а исхраната е составена само од висококвалитетна храна богата со витамини, минерали, протеини, соопштија тогаш од Зоолошката градина.

На влезот на Зоолошката има место каде посетителите можат да остават во кутиите за донации во храна или да ја дадете на некој Зоо негувател, бидејќи не секоја храна, иако е здрава е добра за животните, односно секое животно си има посебен режим на исхрана, велат од Зоолошката градина.