Десет македонски компании добија признание за македонски квалитет

признание

Признанија добија „Кодинг Горска“, „Термалифт“, „Специјал Продукт“, „Гринагро“, „Мирана“, „Конти Хидропласт“, компанијата Велкоски, „Голден арт“, „ТЕ-ТЕ пласт“ и Ансамблот Македонија.

Целта е да се потикнат македонските инвеститори да продолжат со својата успешна работа и да вложуваат во квалитетот на своите производи.

Според претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој присуствуваше на денешната манифестација, само со постојан развој и напредок на домашните компании, може да се очекува економски развој на државата.

Затоа посакувам наградените, но и сите други компании да се развиваат и да го подобруваат квалитетот на своите производи, за истовремено со нивниот раст да расте и нашата економија. Притоа, тие не треба да ја забораваат општествената одговорност која е одлика на успешните и големите и затоа е неизоставен дел од секоја успешна економија и од секое развиено општество, истакна Иванов.

Тој додаде дека изборот на 10-те најуспешни македонски компании за годинава бил тешок, не поради тоа што има малку успешни домашни компании, туку поради тоа што има многу компании со извонредни постигнувања во земјата и надвор од неа.

Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска рече дека членките на ССК покажуваат особена динамика во својот развој, имаа претприемачки дух и ги следат најновите достигнувања во бизнис секторот.

Сите тие се позитивен пример за нашата земја и секој во својот сектор ја претставува Република Македонија во вистинско светло, посочи Арсовска.

За наградените компании доделувањето на едно вакво признание е поттик да продолжат со успешната работа и да ја претставуваат државата и надвор од границите.

Манифестацијата се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година. Од минатата година покровител на манифестацијата е претседателот на Република Македонија.