Десет милиони потписи за отповикување на Трамп

Демократските пратеници и неолибералните организации предадоа во четвртокот во Вашингтон петиција со вкупно десет милиони потписи со кои бараат од американскиот Конгес да покрене постапка за отповикување на републиканскиот претседател Доналд Трамп.

Пред Капитол, каде што е седиштето на Конгресот и плочата на која беше испишано „Трамп мора да замине“, двајца пратеници од Демократската партија, Рашида Тлаиб и Ал Грин со претставници на здруженијата за кои се наведува дека се блиски и финансирани од фондацијата на берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос, како што се MoveOn и Women’s March, предале УСБ-уред со собраните потписи.

„Во рацете држиме десет милиони причини поради кои денеска сме овде“, рече Ал Грин. „Во ова време кое е извонредно мрачно за нашата земја, време е, сметам, да се бориме“, додаде Рашида Тлаиб која со месеци бара оставка од претседателот Доналд Трамп. Тлаиб, којашто стана пратеничка во јануари, веќе во март поднесе резолуција во која од Комитетот за правосудство бара да се истражи дали има причина за отповикување на претсеателот.

Врвот на опозициската Демократска партија, за разлика од нејзиното неолиберално крило, сепак, ги смирува страстите истакнувајќи дека постапката за отповикување, непопуларна во анкетите, може длабоко да ја подели земјата со 325 милиони жители, а се ближат претседателските избори во 2020 година.

Иако демократите го имаат мнозинството во Претставничкиот дом, меѓутоа во Сенатот, кој е задолжен за носењето одлука во постапката за отповикување, мнозинството го имаат републиканците кои сигурно би гласале против отповикувањето на Трамп.

Со седмици наназад владеат тензии меѓу демократите и Белата куќа која не сака да учествува, а тоа право го има, во парламентарните истраги, бидејќи смета дека нивните барања се неоправдани и мотивирани од само политички интереси.