Десет мртви во пукањето во училиштето во Тексас

Во пукањето во средното училиште во градот Санта Фе во петокот во американската сојузна држава Тексас, убиени се најмалку десет ученици и училишни службеници, соопшти локалниот шериф

Шерифот на округот Харис, Ед Гонзалес, изјави дека напаѓачот бил ученик на истото училиште во Санта Фе, 60 километри југоисточно од Хјустон, како и дека тој е уапсен. Уште еден осомничен за пукањето, се смета дека исто така, е ученик на гимназијата.

Телевизијата CBS News објави дека се убиени десет лица, додека шерифот Хонзалес на прес-конференцијата посочил дека бројот на смртните исходи од овој напад ќе се движи меѓу осум и десет.

„Еден маж е во притвор. Вториот, пак, е лице од интерес (на полицијата)., Се верува дека двајцата се ученици во истото училиште“, рече Гонзалес.

Инцидентот е најновиот во низата смртоносни пукања во американските училишта. Седумнаесет ученици и професори беа убиени на 14-ти февруари во средното училиште во Парлканд на Флорида, што повторно ја разгоре долгогодишната расправа за поседувањето на огнено оружје.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот на Twitter го осуди „страшниот напад“.

„Ова веќе предолго трае во нашата земја“, напиша Трамп истакнувајќи дека неговата администрација е решителна да „стори сѐ што е во нејзина моќ“ за да ги заштити учениците и да гарантира дека „оние коишто се закана за себеси и за другите“ не може да имаат оружје. „Ова е многу тажен ден, многу тажен“, додава американскиот претседател.