Десет нови советници на Заев со плати над 55 илјади денари

Иако постојано најавува кратење на администрацијата, како и рационализација на владата и министерствата, премиерот Зоран Заев од неодамна има нови десет советници и надворешни соработници.

Водителка, параглајдеристка, поранешни министри се меѓу новите седум лица на листата на советници во канцеларијата на Заев, која со последното ажурирање на веб-сајтот на владата од 23 порасна на 29 имиња.

Меѓу нив се и поранешнешните министри, Аксел Ахмедовски, кој беше министер без ресор, а сега ќе го советува Заев за правните прашања и постапки и Едмонд Адеми, кој беше задолжен за дијаспората, а сега е советник за надворешни работи.

И поранешни директори сега се советници. Како што самиот најави кога ја соопшти оставката од местото директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов ќе го советува Заев за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Доскорешниот генерален директор на „Македонски шуми“, пак, Зоран Ѓорѓиев, е  советник за шумарство, водостопанство и спроведување на реформи во шумарството и водостопанството.Екс-директорот на акционерското друштво за аеродормски услуги Виктор Петрушевски сега е советник за локална самоуправа.

Додадени се и активистката и параглајдерист Силвија Митевска, како советник за спорт и водителката Елена Митева, која е советник за организација на медиумски активности.

Покрај овие седум нови советници, кои ќе добиваат плата од 55.268 денари, на листата повеќе ја нема Тања Чачарова Илиевска, која беше советник за правда на премиерот.

Ажурирана е и листата на надворешни соработници во канцеларијата на Заев, каде има нови три имиња – Спасе Додевски, кој за 46.000 денари е надворешен соработник за унапредување на образованието, здравствената и социјалната заштита, Драган Василевски за 40.000 денари е надворешен соработник за одбрана и Дејан Николовски за инвестиции помеѓу општините и Владата, исто со плата од 40 илјади.