Десет проценти од најбогатите Германци поседуваат над 56% од вкупните средства на државата

Германските граѓани стануваат се побогати, но богатството нерамномерно се распределува, се вели во студијата на германскиот институт за економски истражувања (ДИВ).

„Нерамномерната распределба на богатството во Германија, во споредба со меѓународното ниво, е многу изразена и е случај неколку години“, рече авторот на студијата Маркус Грабка.

Истражувањето покажа дека десет проценти од најбогатите Германци поседуваат над 56% од вкупните средства на земјата, а најсиромашните само 1,3%.

Во последниве години, богатството по глава на жител, мерено со заштеда и недвижен имот, расте стабилно и во просек е околу 108 000 евра, пренесува хрватски Индекс.

„Тоа покажува нееднаква дистрибуција на богатството во Германија“, вели Грабка.

Интересно е да се напомене дека според богатството, најистакната е групата граѓани родени меѓу 1940 и 1950 година, кои живеат на западниот дел на земјата и поседуваат недвижнини.

Недвижниот имот игра клучна улога кога станува збор за богатството, а растот на цените во последните години значително влијае на богатството на сопствениците. Поради ниските каматни стапки, многумина последниве години решија да инвестираат во купување недвижен имот, што драматично ја зголеми нивната цена, особено во големите градови.

Сопствениците на имот со просечно богатство од 225.000 евра се скоро десет пати побогати од граѓаните кои немаат имот, а тие во просек поседуваат само 26.000 евра.