Десет железнички станици ќе добијат целосно нов изглед

Министерството за транспорт и врски започнува со проектот за реконструкција и надградба на 10 железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10 Д од овој коридор.

Се работи за проект вреден околу 2,2 милиони евра во кој ќе се реконструираат железничките станици во: Прилеп, Велес, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.

Проектот опфаќа целосна реконструкција на сите главни елементи на железничките станици, целосно ќе бидат заменети крововите и подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети.

-Прва железничка станица што ќе се рехабилитира е железничката станица во Прилеп. За неа веќе издадовме одобрение за градење и слободно можам да кажам дека со ова практично започнуваме еден инвестициски зафат со кој комплетно ќе ги реконстурираме сите железнички станици на Коридор 10 со најдобрите практични решенија, истакна министерот за транспорт Владо Мисајловски.

Во железничките станици комплетно ќе се смени водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, ќе бидат поставени системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт. При реализирањето на овој проект посебно внимание ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

Мисајловски очекува дека во првата половина на 2016 година, овие железнички станици ќе имаат комплетно нов изглед со што ќе бидат подостапни за сите граѓани што го користат железничкиот сообраќај.