Десетици цивилни жртви во бомбардирања на коалицијата на САД во Сирија

Најмалку 41 лице загинало и уште најмалку 40 се жртви во две бомбардирања во саботата на антиџихадистичката меѓународна коалиција предводена од САД во Сирија, објавија во неделата невладини организации и медиуми.

Според опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, имало најмалку 18 жртви, од кои три деца, во бомбардирањето на селото ал-Џеза кога била погодена џамијата и околните куќи во покраината Хасака, каде што мал дел сѐ уште е во рацете на Исламската држава. Во овој напад наводно загинале и тројца џихадистички борци.

Според телевизијата Al Mayadeen, којашто се повикува на очевидци, во нападот во југоисточната сириска покраина било убиено 41 лице. Сите се наоѓале во џамијата за време на молитва.

Според телевизијата, повеќе од 40 цивили биле жртви во нападот на коалицијата предводена од САД во областа Карет ал-Бадави во градот Рака, 520 километри од сириската престолнина Дамаск. Според извори од ова место, во споменатата област немало борци на Исламската држава.

Меѓународната коалиција којашто ја предводат САД и во којашто учествуваат земји како што се Франција и Велика Британија, тврди дека ги презема сите мерки за да ги спречи гинењата на цивилите во нејзините воздушни удари во Сирија и во Ирак во борбата против џихадистичката организација.

Меѓутоа, призна дека од 2014 година е одговорна за смртта на 614 цивили, се наведува во извештајот објавен на почетокот од август годинава. Сепак, повеќето меѓународни невладини организации за заштита на човековите права сметаат дека таа бројка е многукратно поголема.