Десетици Шкоти се пријавиле за војната во Украина

Десетици Шкоти се пријавиле за учество во борбите во Украина против руските сили, покажуваат наводно податоците коишто ги објави конзулатот на Украина и во Единбург.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски минатиот викенд повика странски ветерани, платеници и доброволци да се пријават во „меѓународна формација и да ја бранат Украина од руската војска којашто ги напаѓа градовите“.

За таа цел Зеленски привремено го укина визниот режим за странците коишто сакаат да се приклучат во „Украинскиот меѓународен одбранбен легион“ и да се борат против руските сили.

Шкотската премиерка Никола Старџен во средата рече дека секој во Шкотска кој сака да се бори во Украина треба „внимателно да размисли што може да стори за навистина да ѝ помогне на Украина, а што е навистина смислено и полезно“.

Поранешниот шкотски војник Џо Стирлинг планира во петокот да отпатува за Украина и за BBC открил дека порано служел во војната во Ирак.

„На луѓето им е потребна помош. Да сум ѕидар би градел болница. Да сум лекар би одел да пружам прва помош. Јас сум војник и одам да се борам“, рекол.

Иако европските западни држави имаат закони со кои кривично ги гонат своите граѓани кои учествуваат во странски паравоени формации и на странски боишта, сега ги стимулираат воените ветерани и платеници да се приклучуваат во украинските паравоени единици. Притоа, во Москва се сомневаат дека под изговор на доброволци се испраќаат и активни војници, воени инструктори и специјалци.

Шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, којашто е гневна и фрустрирна по бламирањето при средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кога рече дека Обединетото Кралство не ја го признава рускиот суверенитет врз два региона во Русија, сега изјави дека е „апсолутно ги поддржува британските државјани кои ќе се решат да ја бранат Украина“.

Меѓутоа, нејзиниот колега од одбранбениот ресор Бен Валас ги повика Британците да не го прават тоа, бидејќи ситуацијата е „крајно опасна“.

Русија во четвртокот ги предупреди странците кои планираат да се борат во Украина против нејзините сили дека ќе се соочат со кривичен прогон доколку паднат во руско заробеништво.

„Сакам официјално да истакнам дека платениците коишто Западот ги испраќа за да му помага на националистичкиот киевски режим (…) немаат право на статус на воен заробеник“, порача портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков, пренесе агенцијата ТАСС.

Конашенков порача и дека секој странец би „требало седум пати да размисли“ пред да пристапи во украинските паравоени формации, бидејќи Русија ќе ги смета за „кривично одговорни доколку бидат фатени“.

Повеќе од илјада странци досега се придружиле на украинските паравоени формации, според податоците на Киев.

Конашенков во четвртокот изјави дека минатата седмица во Украина пристигнале 200 платеници од Хрватска.

Хрватското воено аташе во Москва одбил во четвртокот да ја прими нотата од руското министерство за одбрана поради споменатите платеници во Украина. Одговорил дека ниту хрватското министерство за одбрана или која и да е друга институција во Хрватска има поврзаност со поединци кои можеби се наоѓаат во Украина и дека за тоа во Загреб немаат никакви информации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.