Десетици уапсени на парадата на гордоста во Истанбул

Турската полиција насилно интервенираше на Парадата на гордоста во Истанбул и уапси десетици лица, вклучително и фоторепортерот на агенцијата Франс прес. Уапсените со два полициски автобуси биле пренесени во главната полициска станица.

Полицијата дури пред почетокот на Парадата упадна во повеќе кафулиња во квартот Џигангир и приведуваше ЛГБТ активисти и новинари. Според невладините организации, уапсени се 52 луѓе.

Како и секоја година, Парадата на гордоста беше официјално забранета од гувернерот на градот, но стотици демонстранти со знамиња во боја на виножито се собраа на улиците околу плоштадот Таксим, што е целосно затворен за јавноста.

Демонстрантите, извикувајќи „иднината е „квир“ и „Никогаш нема да бидете сами“, пешачеа околу еден час по улиците на населбата Џихангир, со поддршка на луѓето од околните прозорци.

Невладината организација Каос ГЛ, која се залага за промоција и заштита на ЛГБТК+ лицата, изброила 52 уапсени лица, јавува Амнести интернешнал, која преку Твитер побарала тие да бидат ослободени „веднаш и безусловно“.

Неколку очевидци велат дека полицијата се обидела да ги спречи медиумите да ги снимаат апсењата.

Булент Килич, искусен фотограф на Франс прес, кој ги следи конфликтните зони, со лисици на рацете и искината маица, заедно со другите бил префрлен во полициско возило. Тој бил уапсен i минатата година под истите околности.

По спектакуларната поворка во 2014 година со повеќе од 100.000 учесници во Истанбул, турските власти од година во година ја забрануваат Парадата на гордоста, официјално од безбедносни причини.