Десетто издание на Самитот на организацијата Македонија2025 на тема дигитализација

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе го отвори десеттото јубилејно издание на Самитот на организацијата Македонија2025, кој ќе се одржи во хотелот „Мериот“ во Скопје, најавија организаторите на собирот.

Централна тема на годинешниот Самит ќе биде дигитализацијата, а на него ќе се обратат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров.

Годинешниот Самит е организиран преку пет панели и едно главно интервју, при што 28 говорници ќе говорат пред 100 гости во хотелот „Мериот“ и онлајн публика од околу 300 гости.

Дел од говорниците на Самитот ќе бидат и Марсело Клауре, главен извршен директор на SoftBank Group International, кој ќе има интервју со Мајк Зафировски, како и амбасадорка на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј.