Дескоска да дојде и да го образложи Законот за поништување на лустрацијата, бараат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски го одложи почетокот на седницата на која на дневен ред е Законот за поништување на лустрацијата на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предложениот текст пред нив да го образложи министерката за правда Рената Дескоска.

Кирацоски даде пауза од 30 минути, за, како што рече, да ја контактира министерката иако на седницата беше присутен заменик министерот за правда.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара министерката за правда да дојде на седницата и да го образложи Законот со кој се овозможува поништување на лустрацијата и давање можност за нивно обештетување.

Според Милошоски, со овој закон на кодошите кои напредувале во кариерата врз таа основа им се овозможува дури и обештетување. Предложениот закон е во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа од 1996 година со која се препорачува сите држави каде што имало поранешни комунистички режими да воведат лустрација.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ја отвори дилемата дали во државата е поважно да се поништи лустрацијата на кодошите или да се донесе системски закон за жртвите на државните кодоши.

Пратениците од опозициската партија на седницата реагираа дека министерката Дескоска речиси и да не дошла на седници на оваа Комисија да образложи законски предлози.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.