Дескоска не гледа судир на интереси, се пофали дека ќе стане член на Венецијанската комисија

Министерката за правда Рената Дескоска ќе биде единствена министерка – актуелен член на некоја влада во Венецијанската комисија.

Таа преку Фејсбук објави дека Венецијанската комисија ја прифатила нејзината номинација за член на ова тело.

– Тоа е потврда дека се исполнети критериумите за членство во комисијата. Благодарам за довербата, напиша Дескоска.

Во медиумите изминатиот период имаше реакции од правници кои сметаат дека станува збор за класичен судир на интереси.

Според правилата и практиката на комисијата, членовите се независни експерти а се избираат од редот на „искусни професори, особено од полето на меѓународното право, членови на Врховниот или Уставните судови или членови на националните парламенти”.

Никаде во правилата на Комисијата не пишува дека активен министер може да биде нејзин член.

Членот на Венецијанската комисија се предлага од Министерството за правда, а го потврдува Владата. Таквата одлука се праќа до Венецијанската комисија која го прифаќа понуденото решение, сметајќи дка тоа е право на државата. Во случајов со министерката за правда, таа самата се предложила пред владата.

Пред Дескоска, член на Венецијанската комисија беше професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева.