Дескоска: Очекувам Унгарија да се води по европските стандарди

Министерката за правда Рената Дескоска очекува дека Унгарија како земја членка на Европската унија при носењето на одлука за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски ќе се води по европските стандарди и конвенции.

– Наше право е да побараме екстрадиција и според меѓународните важечки документи имаме право и да добиеме екстрадиција. Право на унгарските власти е да одлучат на начин кој сметаат дека треба да одлучат, но јас очекувам Влада, која е земја членка на Европската унија, при носењето на одлуки да се води по европските стандарди и конвенции, особено Европската конвенција за екстрадиција којашто сме ја потпишале и ратификувале и ние и Унгарија, изјави Дескоска, одговарајќи на новинарско прашање пред денешната дебата за Предлог-законот за судови.