Дескоска вели дека се прават обиди да се постигне консензус за законот за ЈО

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство се уште не е закажана. Групите имаат неформални контакти континуирано, информира денеска министерката за правда Рената Дескоска.

Таа одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на завршната конференција на проектот „Правна заштита на избирачките права“ во организација на Институтот за правни и политички истражувања нагласи сека и натаму се прават обиди за законот да се постигне консензус со ВМРО-ДПМНЕ и процесот да се протурка во рамки на Парламентот.

-Се уште не сме закажале средба. Постојат неформални контакти коишто се одвиваат постојано. Значи, не се средби на цели работни групи, на поединци од преговарачките тимови. Се уште се обидуваме да го направиме консензусот во рамките на Парламентот и со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и не одиме се уште на опција на друга варијанта, заради тоа што сметаме дека сепак треба да се постигне консензус заеднички за градење на реформи во сферата на правосудството, во сегментот за јавно обвинителство, посочи Дескоска.

Последната средба работните групи ја одржаа во понеделникот. Таа траеше кусо и не беше постигнат договор.

Тогаш Дескоска и пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека меѓу нив имаат суштински разлики во ставовите и дека ќе остават простор во партиите повторно да бидат разгледани сите точки со цел нивно усогласување.

Средбата во понеделникот беше прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.