Свет

Десницата и левицата на спротиставени протести во Кемниц

Десницата и левицата на спротиставени протести во Кемниц

Противниците и поддржувачите на либералната доселеничка политика на германската канцеларка Ангела Меркел одржаа во саботата одвоени протести во Кемниц каде што смртоносен напад од двајца мигранти врз еден Германец минатиот викенд предизвика жестоки протести на крајната десница.

Повеќе од 1.200 полицијци се распоредени за раздвојување на спротиставените собири во Кемниц кој длабоко се поделени по одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел од 2015 година за политика на отворени граници за доселениците, во прв ред од Блискиот исток, Азија и Африка. Во тој период во Германија влегле околу 1,6 милиони баратели на азил.

Левичарските демонстранти тргнаа во 15 часот во протестна поворка под мотото „Срце наместо омраза“ од центарот на градот кој во поранешната комунистичка Источна Германија се викаше Карл Маркс Штад. На централниот плоштад, каде што пред неколку дена крајната десница се судри со полицијата, се собраа неколку стотици левичари.

На другиот крај од градот, приврзаниците на крајната десница се собраа во близина на големата биста на творецот на комунизмот и тргнаа низ градот, исто така, во протесна поворка. Поддржувачите на опоизицската евроскептична и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) и на граѓанското движење Родољубиви Европејци против исламизацијата на Западот (Pegida) објавија дека со својата поворка го оплакуваат човекот убиен во нападот со нож и го осудуваа, како што велат, неделувањето на владата во однос на растот на криминалот извршен од страна на имигрантите.

Нивните левичарски противници ги обвинуваат дека убиството го користат за да ја поттикнат расната омраза против имигрантите. Германскиот министер за внатрешни работи Хеико Маас, од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) која има градоначалничка позиција во Кемниц и кои помогнаа во организирање на саботната левичарска поворка, на Twitter напиша дека Германците имаат посебна обврска да му се спротистават на секој облик на фашизмот.

„Кога на нашите улици повторно се движат луѓе со поздравот на Хитлер, нашата историја обврзува да застанеме во одбрана на демократијата“, напиша Маас.

Ноќта минатата сабота со убоди од нож беше убиен 35-годишен Германец, а поради убиството се приведени две момчиња, Сириец и Ирачанец. Во неделата по убиството спонтано се собраа околу 800 лица кои тргнаа во „потера“ по доселеници, а илјадници повторно се собраа во понеделникот вечерта. Полицијата во Кемниц мораше да бара засилување од соседните градови, и објави дека неколку лица се повредени од флрање предмети, како и дека можеле да се слушнат нацистички поздрави. По убиството во Кемниц, челниците на AfD, која е во подем и стана третата политичка сила во земјата, изјавија дека насилните протести се сосема разбирливи по убиството без причина.

Владата го осуди насилството на десните радикали но не и на левите, а нејзиниот портпарол Штефан Зајберт изјави дека „во германските градови нема место за такви собири и лов на лица кои изгледаат поинаку, или обиди за сеење омраза по улиците“.

Обвинителството објави дека двете момчиња, на 22 и 23-годишна возраст, чиј идентитет не е објавен, се сомневаат дека по „вербална препирка… без оправдување, на жртвата во повеќе наврати ѝ нанеле повреди со нож“. Полицијата не објави поединости и за жртвата и за околностите на нападот.