Деспотовски да ги објави договорите за државна помош во ТИРЗ, за кои ДЗР констатира дека уредбите не содржат транспарентни критериуми

Tрет ден молк од Јован Деспотовски за катастрофалните резултати кои Македонија ги бележи последните пет години на полето на странските инвестиции.  Новите факти кои денес ќе ги објавиме се однесуваат на Извештајот објавен од ДЗР каде се нотираат многу работи за кои очекуваме конкретни одговори, посочува Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено, донесените уредби по кои се доделува индивидуалната помош на корисниците на ТИРЗ и на индустриските зони не содржат транспарентни критериуми за висината на доделување на државната помош, со вклучени индикатори за мерење на ефектите од нејзиното доделување, давање на приоритети, не постои ниту пропишан систем на контрола и оцена на исплатливоста на инвестициите. Со извршената ревизија констатирано е дека доделувањето на државната помош се врши со преговарање од страна на вклучените надлежни државни органи со склучување на поединечен договор со секој корисник. Тука се поставува прашањето дали лично Деспотовски како директор на надлежната Дирекција е вклучен и заслужен за секој договор што го преговара и што е причината за стравот да ги објави тие договори? Реакцијата на се она што кажавме во јавноста овие денови беше во насока на тоа дека најдобриот одговор биле конкретните и мерливи ефекти за луѓето. Деспотовски потенцираше дека се обезбедени над 2.000 нови работни места креирани само во последните 10 месеци исто така потенцираше дека растот на платите продолжува и над достигнатото ниво од декември 2021 година, кога за прв пат просечната плата во ТИРЗ го надминала просекот во националната економија за 3%, вели таа.

Посочи дека овде пак, прашањето на кое Деспотовски треба да одговори се однесува на тоа колку од овие нови работни места се од компании кои Деспотовски ги донел во Македонија или пак кои се компаниите со најголеми просечни плата и што има Деспотовски конкретно и практично направено, со кои јасни мерки за ова се да случи.

-Одговорот е ништо. Растот на платите во зоните не е резултат на државни мерки туку на економски движења на пазарот на трудот на пошироко ниво, недостаток на работна сила, вклучувајќи ја инфлацијата, зголемените трошоци за живот, продуктивноста на работната сила итн., додека бројот на вработени расте од компаниите кои веќе подолго време работат за кои Деспотовски најверојатно немал ни информации дека се присутни во земјата пред да дојде на функцијата, а нема спроведено никаква, ниту конкретна, ниту мерлива мерка за да го помогне овој раст. „2.000 нови работни места во 10 месеци“, „3% просек над просечната плата“, „620 милиони евра инвестиција постигнато ниво на договори (што и да значи ова)“ и сл. е расфрлање и селективна употреба на бројки, од кои повеќето се од непроверени и непознати извори, или за идно планирано „ќе биде“ време што е напротив, залажување на јавноста и народот со испревртување на реалната состојба. Наместо ова може, само заради транспарентноста и одговор кон граѓаните, Деспотовски да квантифицира на сличен, сумарен начин, колкав износ на буџетски  пари на граѓаните се потрошени преку тендерите кои се  распишани за непотребни услуги и за кои услуги? Ова треба да е лесна работа бидејќи самиот тој се претставува како лик кој зборувал со бројки и факти, рече Митева.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ посочи: „Дополнително, во Извештајот на ДЗР е нотирано дека од страна на Дирекцијата преземени се почетни активности за изработка на нов Закон за ТИРЗ чија цел е реорганизација на начинот на вршење на дејностите во ТИРЗ и доделување на државната помош. Тука пак Деспотовски треба да одговори како можат да се воведуваат нови пристапи и концепти за зоните, а во позадина да има само „почетни активности“ за изработка на нов Закон за зоните“?