Детали за експлозијата во Гевгелија со една жртва и шест повредени

Работник на возраст од 40 години почина во Гевгелија кога во попладневните часови во саботата на 26-ти јануари настанал пожар во продавница за производи од железо, каде што тој бил вработен.

Како што информираат од МВР, во пожарот сo повреди се здобиле уште четворица работници од Гевгелија и еден од селото Прдејци, сите на возраст меѓу 29 и 46 години. По укажаната лекарска помош во општата болница во Гевгелија работниците биле пуштени на домашно лекување.

Со повреди се здобил и уште еден 30-годишен гевгеличанец кој, по укажаната лекарска помош бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Причина за пожарот, според првичните сознанија е експлозија на плинска боца која 30-годишникот ја донел за да се монтира горилник.

Пожарот бил изгаснат од страна на противпожарна екипа. Извршен е увид на местото на настанот, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.