Детали за физичката пресметка и ранувањето по љубовниот триаголник во општина Карпош

Како што беше објавено во понеделникот, во службените простории на скопската општина Капрош околу пладнето се случил инцидент во кој е прободено едно лице, а во заднината на инцидентот според сознанијата е љубовен триаголник.

Според информации од извори добро запознаени со случајот, станува збор за физичка пресметка која завршила со употреба на остар предмет, веројатно нож, и ранување, поради подолга врска на вработен во општината со негова колешка, инаку мажена жена.

„На 26.07.2021 во 11,30 часот било пријавено дека по претходна расправија С.А.(34) со остар предмет му нанел повреда на В.К.(37) двајцата од Скопје. Повредениот бил пренесен во Градската општа болница ‘8-ми Септември’ за укажување на лекарска помош. Од страна на полициски службеници од СВР Скопје излезено било на местото на настанот и се работи на расчистување на случајот“, соопштија вчера од МВР.

Како што наведуваат изворите на НетПрес, во случајот се работи за раководотел во службата за човечки ресурси во општината, кој бил еден од блиските соработници на градоначалникот Стефан Богоев и бил во интимна врска со вработена во секторот за поддршка на градоначланикот. Таа важела меѓу колегите како добар работник и коректен колега.

Двојката, како што неофицијално дознаваме, повеќепати одела заедно на семинари и други настани, поради што и веројатно се јавил сомнежот кај сопругот, а за врската знаеле или се сомневале и вработените во општината.

Кобниот ден, велат нашите соговорници, изневерениот сопруг дошол во општината и во моментот кога го сретнал службеникот љубовџија физички го нападнал. Истите извори велат дека нападнатиот го употребил остриот предмет, и му нанел повреди во предниот горен дел од телото, иако за тоа засега нема официјални потврди од МВР.

Во секој случај станува збор за немил инцидент, обид за расчистување на љубовни јадови, кој силно ги вознемири вработените и граѓаните тогаш присутни по сопствени потреби во просториите на општината Карпош. Случајот бездруго ќе добие и судска разрешница, поради тоа што станува збор за две дела, физички напад врз службено лице во службени простории, како и во зависност од тежината на нанесените повреди за обид за убиство или нанесување тешка телесна повреда.

Во врска со инцидентот вчера се огласи и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој преку социјалните мрежи порача дека Општина Карпош порано беше препознавана по наградите, а сега по љубовни афери и тешки инциденти.

„Има повеќе народни поговорки како на пример: Кога мачорот дреме, глувците оро играат; Бадијалџија Поп, телиња си крсти.

Е така кога во Општина Карпош Градоначалникот си игра Кантер страјк а службениците бидејќи немаат работа од досада си се заљубуваат“, напиша меѓу другото Јакимовски.