Дете и возрасно лицe убиени во трговски центар во ново пукање во Флорида

Дете и возрасно лице се убиени во четвртокот во напад во трговски центар на Флорида, по низата неодамнешни масовни пукања во оваа сојузна држава на југот од САД.

Нападот во кој извршителот се убил, се случил во трговскиот центар „Publix“ во Ројал Палм Бич, 130 километри североно од Мајами, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич.

„Полицајците по доаѓањето на местото нашле три лица кои умреле по ранување од огнено оружје. Маж, жена и дете. Напаѓачот е меѓу смртно настраданите“, се наведува во изјавата во која не се споменува идентитетот или поврзаноста на жртвите.

Полицијата постави безбедносен периметар на местото на настанот, и засега не излегува со повеќе информации, додавајќи само дека „напаѓачот повеќе не е активен“.

Овој вооружен инцидент доаѓа по низата масакри на југот на Флорида претходните денови. Во неделата вечерта во пукање на прослава по промоција убиени се три и ранети беа пет лица во Мајами. На први јуни тројца напаѓачи убија две и ранија 21 лице во пукање пред ноќен клуб Хајлах во округот Мајами Дејд.